Во врска со случајот на Станка Михајлова, 19-годишна пациентка која по царски рез остана неподвижна, Министерството за здравство информира дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува вонреден инспекциски надзор во сите три здравствени установи во кои била третирана и тоа Општа болница Струмица, Клиничка болница Штип и Универзитетска клиника за неврологија Скопје.
Во наредните денови се очекува ДСЗИ да ги комплетира надзорите и да ја прибере целокупната медицинска документација од трите здравствени установи. Врз основа на целосно утврдената фактичка состојба, ќе следат заклучоците од стручниот надзор, и доколку е потребно, понатамошни дејствија.
„Министерството за здравство посебно потенцира дека почитувањето на правото на пациентката на достоинство, приватност и заштита на личните и медицинските податоци е неприкосновено во текот на целата постапка. Секој пациент има законско право на безбедна, квалитетна и правовремена здравствена заштита, како и право на целосна и разбирлива информација за сопствената здравствена состојба. Министерството ќе се погрижи овие права целосно да бидат почитувани — како во текот на инспекцискиот надзор, така и во натамошната комуникација со пациентката и нејзиното семејство.
Министерството за здравство уверува дека случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај. Ниту еден аспект нема да биде изоставен, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно надлежностите и важечките законски прописи.
Ја повикуваме јавноста на воздржаност додека траат постапките и апелираме да не се изнесуваат предвремени заклучоци, шпекулации или лични податоци што би можеле дополнително да ги вознемират пациентката и нејзиното семејство.
Министерството истовремено апелира на јавноста и медиумите за коректност и заштита на достоинството на здравствените работници вклучени во случајот, чија евентуална одговорност ќе биде утврдена единствено врз основа на резултатите од стручниот надзор, а не преку јавно осудување пред нивно завршување,“ се вели во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
19-годишна девојка од струмичко не може да оди по царски рез














