еМагазин
Image default
Балкан

Српското МВР ја забрани прошетката во рамки на Европрајд во Белград, организаторите не се откажуваат

Министерството за внатрешни работи на Србија вчера ја забрани Парадата на гордоста, прошетка во рамките на Европрајд 2022, која беше закажана за сабота, 17 септември, јави дописникот на МИА од Белград.

Координаторот на Европрајд во Белград, Горан Милетиќ изјави дека го добиле решението на МВР и дека организаторите ќе поднесат жалба на таа одлука.

– Денеска во 14:15 часот добивме известување од МВР дека не се дозволува прошетката и во решението е наведено дека причината за забраната е безбедноста. Тоа е се што знаеме во моментов. Нашиот правен тим веќе почна да подготвува претставка до полицијата. Ова е прва претставка која се поднесува во рок од 24 часа, изјави Милетиќ за Нова.рс.

Тој додаде дека организаторите не се откажуваат од прошетката „без разлика на се“.

– Прошетката мора да се случи и нема причина да се забрани. Забранета е всушност рутата по која планиравме да одиме, а не самото пешачење, објасни тој.

Тој завчера рече дека нема законски услови за забрана на планираната прошетка и дека одлуката за нејзина забрана би била неуставна и незаконска.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во саботата, по седницата на Советот за национална безбедност, изјави дека за одлуката за одржување на прошетката е надлежно МВР и дека одлуката ќе ја донесе навремено. Тој тогаш посочи дека организаторите имаат на располагање правни средства, меѓу кои е и жалба до МВР и во управен спор пред судот.

-Загрижени сме за безбедносната ситуација и ја гледаме тешката ситуација во која се наоѓа земјата, рече Вучиќ.

Во Белград завчера беше отворена манифестација Европрајд 2022, во рамки на која е предвидена меѓународната конференција за човекови права и голем број странски гости, дипломати, претставници на странски влади, ќе бидат организирани и голем број изложби, активистички, едукативни, културни и забавни настани, а „Неделата на гордоста“ во Белград предвидено е да заврши во сабота, на 17 септември, со прошетка на учесниците.

Како што изјави завчера Милетиќ, доколку има забрана, тие сигурно ќе пешачат, бидејќи организаторите не можат да им кажат „не можеш“.

– А ако кажам „немој“, тие ќе излезат и тоа ќе биде протест, рече Милетиќ, наведувајќи дека тогаш ќе се забрани форматот, односно нема да има шетање како секоја година, туку тоа ќе стане протест.

Во пресрет на одржувањето на Европрајд 2022, десничарските партии и коалиции во Србија започнаа агресивна кампања против Европрајд, повикувајќи на откажување на настанот. Таквата атмосфера се прелеа од политичката арена на улиците, каде што можеа да се забележат и графити на омраза.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Хрватска прогласи состојба на катастрофа во две жупании поради земјотресите кои никако не престануваат да го тресат тлото

Редакција

Од денеска влез во Грција без сертификати и без никакви рестрикции за невакцинираните внатре во земјата

Редакција

Македонија не е на листата: Хрватска го укина карантинот за граѓаните од Србија, БиХ и од Црна Гора

Редакција