Изразувам големо жалење што еден здравствен работник вака се однесувал и ќе направиме се за во иднина да не ни се случи вакво нешто, порача министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната прес-конференција заедно со директорот на Клиничката болница во Тетово, Плумб Вела, на која дадоа повеќе детали за настанок од синоќа кога доктор анестезиолог од Тетовската болница снимал пациенти и доктори, а снимката потоа бил објавена на социјалната мрежа „Tик-Tок“.
– Ми се јави на телефон и началникот на СВР Тетово и ми кажа дека здравствениот работник е приведен и ние понатаму се ќе направиме вакви случаи да не се случат во иднина. Во координација сме со многу други институции и со лекарската комора и јас барав веднаш да му се прекине работниот однос и да се одземе лиценцата за работа на овој доктор, изјави министерот Меџити.
Директорот на Клиничка болница, Вела исто така изрази жалење за настанот и појасни дека лично го пријавил случајот во полиција откако разбрал за објавената снимка.
-Тоа се случило на одделението за киретажа каде тој работел како анестезиолог. Додека вчера јас бев во Скопје видеото ми го прати еден новинар. Штом го видов видеото веднаш дојдов во Тетово и јас лично, како директор на болницата, случајот го пријавив во полицијата, бидејќи станува збор за сериозна работа. За случајот бевме во постојана комуникација со Министерството и министерот, кажа Вела.
Министерот Меџити зборуваше и за проблемот со набавка на лекот трикафта.
-Од првиот ден сме информирани за се. Веднаш се зафативме за овој проблем за да го решиме долгорочно и квалитетно за пациентите да добијат подобар лек. Ние тогаш, заедно со премиерот и Владата, обезбедивме лек за осум пациенти и за четири други пациенти. Нема да застанеме тука, но верувајте дека нема комисија за цистична фиброза, нема протоколи, нема процедури, изјави Меџити.
Пред три-четири недели, нагласи, формиравме комисија за цистична фиброза и повикавме претставници од сите засегнати страни, а ќе има и претставник од организацијата за цистична фиброза за овој проблем еднаш за секогаш да го решиме.
-Но, не сме ние тие кои одлучуваат кој пациент ќе го прима лекот. За тоа го одлучуваат експертите во здравството и ние тука не можеме да се мешаме, посочи Меџити.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: МЗ