еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Тупанчевски ќе предложи формирање ад-хок тело за историски личности до донесување на нов Закон за здруженија и фондации

Формирање ад-хок тело како привремено решение, до донесување на нов Закон за здруженија и фондации, ќе предложи на денешната седница на Владата министерот за правда Никола Тупанчевски.

Ова Тупанчевски, го најави денеска одговарајќи на новинарско прашање, дали може да се спречат формираните бугарски здруженија во земјава.

– Мој предлог би било да се формира ад-хок тело, меѓуресорско, што ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на којшто ќе се формираат.

Во таа насока мислам дека ќе биде намалена можност да се злоупотребуваат одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи, изјави Тупанчевски, денеска одговарајќи на новинарски прашања на настанот по повод 21 година од формирањето на Единицата за брзо распоредување.

Министерството за правда на 15-ти овој месец, најави состанок на Работната група на кој ќе се дискутира за новиот Закон за здруженија и фондации, откако изминатиот период во јавноста се отвори прашањето за издавањето на дозовли за регистрирање на здруженија со спорни имиња на историски личности.

-Целта на овие измени на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на статусот на организацијата од јавен интерес, регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации, како и начинот на нивно финансирање.

Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските, така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување, појаснуваат од Министерството за правда.

Во однос на измените во Законот за извршување на санкции, министерот за правда истакна дека и понатаму е со истиот став, односно мора да се превенира и истовремено да се прецизира одредбата и на кој начин ќе се издржува казна затвор.

– Сегашното решение е решение што го има во уште многу држави во Европа и светот, меѓутоа она на кое што треба да се посвети посебно внимание е да не се злоупотреби одредбата што во принцип е добра меѓутоа и покрај тоа што е на линија на компаративни решенија кај нас имаме негативни консенквенци, додаде тој.

Прашањето со „затворскиот туризам“ и користењето на правната можност за издржување на затворските казни во Затворот во Струга, кој е од отворен тип, во јавноста беше отворено откако поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев, ги променија адресите на живеење во Охрид и со тоа создадоа правна основа за отслужување на затворските казни во овој затвор.

Мијалков, кој склучи спогодба со Обвинителството за непријавен имот во случајот „Империја“ и доби тригодишна затворска казна, вчера се пријави во затворот во Струга за нејзино отслужување.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата не се меша во работата на ИВЗ, велат од таму за обвинувањата на Реџепи

Редакција

Иран призна дека испорачувал борбени беспилотни летала на Русија

Редакција

Казнети 644 лица за неносење маска

Редакција