Наплатени 2,27 милијарди евра од даноци и придонеси во првата половина од 2026, за 231,8 милиони евра повеќе отколку лани

Наплатата на даноци и придонеси во првата половина од 2026 година достигнала 2 милијарди и 271 милиони евра, што е за 231,8 милиони евра повеќе од истиот период лани, информираа од Управата за јавни приходи (УЈП).

Во периодот јануари–јуни 2026 година, даночните приходи бележат раст од 14,9%, додека приходите од придонеси се повисоки за 7,6% во однос на истиот период во 2025 година.

Како што велат од УЈП, особено се истакнува јуни, во кој е забележан значителен раст на остварените приходи од даноци од 41,6%, како и раст на приходите од социјални придонеси од 12,0% во однос на истиот месец од претходната година.

Во овој период по основ на данок на добивка се наплатени 224,5 милиони евра, што претставува раст од 14,5% во однос на истиот период минатата година.

Кумулативниот раст во апсолутен износ е речиси 17 пати поголем од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година, посочуваат од таму.

Во март и април 2026 година, според УЈП, е реализирана највисоката месечна наплата на данокот на добивка во последните пет години.

Во првото полугодие од данокот на личен доход се наплатени 285,2 милиони евра, што е 11,7% повеќе во споредба со истиот период лани.

Раст на наплатата е евидентиран секој месец, велат од таму, а најголемо зголемување има кај доходот од работа (особено по договори на дело и авторски права), доходот од закупнини, доходот од капитал и капитални добивки, доходот од игри на среќа, како и кај доплатите по годишниот данок на доход.

Кумулативниот раст на приходите од овој данок е речиси двојно повисок од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година, посочуваат од таму.

Како што велат од таму, особено се издвојува јуни, кога е остварен раст на наплатата од 20,8% и еден од најдобрите месечни резултати во апсолутен износ на наплата.

Во првите шест месеци од годинава по основ на ДДВ се наплатени 703,4 милиони евра, што е 16,4% повеќе во споредба со истиот период лани.

Кумулативниот раст на приходите од ДДВ е шест пати повисок од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година, посочуваат од таму.

-Континуиран раст е евидентиран кај бруто наплатата на ДДВ од увоз и од промет во земјата. Особено е значајно што растот на приходите е остварен и покрај примената на намалените стапки на ДДВ за горивата во дел од годината, што значи дека позитивните резултати се должат на поширока даночна база, повисока економска активност и подобра наплата, а не на повисоко даночно оптоварување, велат од таму.

Во периодот јануари–јуни 2026 година по основ на социјални придонеси пак се наплатени 1 милијарда и 57,7 милиони евра, што претставува раст од 7,6% во однос на истиот период минатата година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести