еМагазин
Image default
Свет

Украинците стравуваат дека Русите ќе ја нападнат „Азовстал“ до 9 мај, во тек се обиди да се спасат преостанатите украински борци

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во тек се дипломатски обиди да се спасат преостанатите украински борци од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол, која е нивно последно упориште.

Борците ветија дека нема да се предадат, а украинските власти стравуваат дека руските сили ќе ја нападнат фабриката за челик до 9 мај, кога Русија го одбележува Денот на победата во Втората светска војна.

Од челичарницата вчера беа евакуирани 50 цивили, а десетици од нив останале во подземните бункери, каде се засолнија пред повеќе од два месеца, објави Гласот на Америка.

Во обраќањето до нацијата, Зеленски истакна дека Украина работи на дипломатски план за спас на борците од фабриката за челик. Сепак, не се знае колку луѓе останале таму.

– На тоа работат влијателни посредници, влијателни држави, изјави Зеленски, без да открие повеќе детали.

Преговорите, со посредство на ОН, започнаа минатиот викенд и резултираа со евакуација на повеќе од 150 цивили кои беа во подземните бункери на фабриката за челик „Азовстал“.

Сепак, евакуацијата се одвива побавно од очекуваното, бидејќи борбите не престануваат.

Украинските власти ја обвинуваат Москва дека го прекршила договорот и не го прекинува огнот.

Русија потврди дека хуманитарната операција во „Азовстал“ ќе продолжи.

Градоначалникот на Мариупол процени дека во бункерите имало околу 200 луѓе, но не се знае точно колку сега останале.

Советникот на претседателот на Украина, Олексеј Арестович изјави дека Русија се обидува да ја заврши борбата за Мариупол до Денот на победата.

Рускиот претседател Владимир Путин прогласи победа во Мариупол на 21 април, а потоа ги повика украинските борци во „Азовстал“ да се предадат. Тие одбија, а Русија продолжи да го напаѓа последното упориште на украинската армија.

Мариупол е важен за Русија, бидејќи го поврзува Крим, што Москва го анектираше во 2014 година, и делови од источна Украина контролирани од проруските сепаратисти.

МИА/Фото: Руско министерство за одбрана

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„АстраЗенека“ побара одобрение за третман со антитела против Ковид-19

Редакција

Летонија го доби првиот претседател, кој е отворено геј

Редакција

Тимот на СЗО во Вухан ја почна истрагата за потеклото на коронавирусот

Редакција