Македонија има местоположба и клима кои придонесуваат да биде една од најбогатите земји во Европа во однос на биолошката разновидност, информираат од Министерство за животна средина и просторно планирање.
Дивите растенија претставуват важен дел од ова богатство, не само за природата, туку и за луѓето, а особено за оние кои живеат во планинските рурални средини. Грижата за природата и нејзините ресурси е заедничка одговорност, затоа треба да ја заштитиме, слично како што ги чуваме и нашите домови и градини.
„Ресурсите на диви растенија собрани од природата се обновливи, но не и неисцрпни. Државата е соочена со предизвикот да ја најде рамнотежата и токму затоа прави напори да постави правила за одржливо собирање на плодови и диви растенија од природата.
За таа цел потребна е редовна проценка на количините и набљудување на популациите на одредени видови кои интензивно се користат, како што е мечкиното грозје.
Употреба на ова лековито растение, без да се загрози неговиот опстанок е од заеднички интерес за сите, за институциите, за локалното население и сите граѓани на Република Северна Македонија.
Само со помош на локалните заедници можеме да го заштитиме овој вид, а знаењето, вештините и грижата на собирачите се клучни за неговиот опстанок во иднина,“ се вели во соопштението.
Во видеото „Приказна за мечкиното грозје и луѓето“ се прикажува редок вид растение кое традиционално се собира во нашата држава, а притоа се нарекува лековито злато.
„Експертите препорачуваат мечкиното грозје да се собира од септември до октомври. Тогаш плодовите се оформени и зрели, а листот има највисока концентрација на лековитата состојка арбутин.
Собирањето диви растенија во големи количини за трговски цели во Европа се практикува само во неколку балкански земји. Нашата држава е една од ретките во кои собирањето на мечкиното грозје е дозволено поради неговата економска важност за локалното население, а надлежните институции ги дефинираат правилата и вршат контрола,“ се додава во соопштението.
Фото: bilki-lekoviti.blogspot.com