Владата изготви Акциски план за справување со дезинформациите кои, како што изјави денеска премиерот Зоран Заев, стануваат сериозен упад во демократските и изборните процеси и влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите.
-Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, изјави на денешната прес-конференција премиерот Заев.
Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.
-Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме нацоналната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата, рече Заев.
Тој појасни дека планот ќе биде даден на јавна дискусија и оти до изработката на неговата финална верзија ќе бидат чуени мислењата на сите чинители во општеството. Планот се состои од два дела, во првиот се опфатени безбедносни, а во вториот проактивни мерки.
МИА