Во интерес на Европската Унија е неодложно да се започнат преговорите со Соверна Македонија и Албанија. После тоа процесот ќе биде долг и тоа ќе биде само почеток, истакна во интервју за бТВ поранешната висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, изразувајќи надеж дека бугарското вето за Северна Македонија наскоро ќе биде тргнато.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Могерини ,Северна Македонија и Албанија направиле се што се барало од нив за да можат да ги започнат преговорите за влез во Европската Унија.
– Тоа создава голем проблем со довербата во процесот за проширување на ЕУ. Oткако Северна Македонија и Албанија беа принудени дa направат одредени отстапки за да ги започнат преговорите, а се уште ги немаат започнато, некои земји кандидати го поставија прашањето зошто воопшто тие тоа да го прават, нагласи Могерини.
Таа изјави дека не знае колку е силен надворешниот притисок врз Бугарија во однос на отстранувањето на ветото за Северна Македонија, но се надева дека тоа ќе профункционира.
Могерини ги коментираше дејствијата на новата Европска Комисија во однос на санкциите против Русија, поради војната во Украина и кажа дека постапките на Брисел се адекватни на ситуацијата и изрази надеж дека тие ќе ја засегнат руската економија.
МИА/Фото: Кабинет на претседателот