Во Македонија, која се уште не ги почнала преговорите со Европската унија (ЕУ), повторно е актуелна темата за референдумско изјаснување на граѓаните за членство на земјата во Унијата.
Иако е општо познато дека мнозонството граѓани се за членство во ЕУ, и покрај бројните разочарувања од Унијата, лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче бара референдум за тоа, а пред неколку дена пак, Виктор Габер, поранешен амбасадор и дипломат на Македонија, поднесе преставка до Собранието со која побара пратениците да покренат постапка за организирање референдум за членството на државата во ЕУ.
Од Владата одговорија дека референдум за членство во ЕУ нема да има и дека нема потреба да се троши време и пари на граѓаните, посочувајќи дека тоа што таа работи на Реформската агенда, е јасен показател за нејзината европската ориентација.
Како што е исто така познато Македонија не може да ги почне преговорите, бидејќи засега не сака да ги внесе Бугарите во македонскиот Устав. Актуелната влада, имајќи ги во предвид лошите искуства на претходните, бара гаранции од ЕУ дека оваа отстапка по бројните што ги направи земјата, ќе биде последна.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Македонија веќе имаше референдум за ЕУ
На 30. септември 2018 година, пред државата да го смени тогашното уставно име, во Македонија имаше рефрендум со прашањето: „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Државната изборна комисија (ДИК) за истиот констатираше дека е неуспешен поради недоволен цензус.
Од 1.806.336 регистрирани гласачи, на референдумот гласаа 666.743 гласачи или 36,91%, а од нив 609.813 или 91,46 проценти беа “За“.
Што значи дека не беше исполнет законскиот цензус на излесност -50% од граѓаните + 1 или 903.000 гласачи.
Истиот беше необврзувачки.
Фото: Игор Бансколиев














