еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Засега, нема да има поизразено покачување на каматите, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска

Покачувањето на основната камата од страна на централните банки е сигнал за период на повисоки камати и на штедните влогови и на кредитите, што ќе придонесе за зголемување на штедењето и намалување на потрошувачката заради намалување на притисокот за раст на цените од страна на побарувачката.

Повеќе централни банки почнаа со нормализирање на монетарната политика, којашто беше олабавена за време на пандемијата. Ова е резултат на подолготрајните и пораспространетите ценовни притисоци, коишто дојдоа преку цените на примарните производи на светските берзи, односно од страната на понудата. Најважно е затегнувањето на монетарната политика да оди постепено, за да се избегнат негативни ефекти од нагло зголемување на каматите, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Радио Слободна Европа“.

„Јасно е дека циклусот на ниски каматни стапки веќе е завршен и насоката во којашто во глобални рамки се движат централните банки и меѓународните финансиски пазари е постепено нормализирање, односно враќање постепено на некои претходни нивоа. Секако, ова се прелева и во сегментот на банкарскиот систем, односно кај активните каматни стапки“, вели Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочува дека ние сме дел од глобалните финансиски текови, односно тоа што се случува надвор, се случува и кај нас.

„Подолготрајните притисоци од увозните цени, особено на храната и енергијата, коишто учествуваат со близу 50-на проценти во нашата потрошувачка кошничка, влијеа на подолготрајни и пошироко распространети инфлациски притисоци, бидејќи колку подолго се присутни увозните притисоци, толку повеќе стоки од потрошувачката кошничка се засегнати.

Во овој контекст, Народната банка започна со затегнување на монетарната политика, односно двапати ја покачи основната камата. Одлуките за монетарната политика се носат секој месец, врз основа на најновите информации, најновите податоци и анализите коишто ги прават стручните служби на централната банка“, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа вели дека покачувањето на основната камата влијае врз сите каматни стапки, и на кредитите, и на депозитите, во нагорна насока. Сепак, истакнува дека засега не се очекуваат поизразени поместувања кај каматите затоа што промените на монетарната политика се прават постепено.

Гувернерката посочува и дека секоја банка носи своја одлука за каматите. Кога се носи одлуката во одредена банка, во предвид се зема цел сет фактори, како билансот на банката, макроекономските ризици, расположливиот доход на населението, конкуренцијата, изворите на финансирање, итн.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во градежништвото зголемени трошоците за вработените и за нови куќи

Редакција

Цените на индустриските производи лани зголемени за 16,5 проценти во однос на 2020 година

Редакција

Синдикалната минимална кошничка во јуни зголемена за 3.400 денари во однос на јануари

Редакција