Вознемирувачки податоци денеска споделија од Канцеларијата на народниот правобранител.
Во периодот од 2020 до 2025 година во Македонија дури над 600 деца под 15 години биле силувани, полово нападнати или принудени да живеат во вонбрачни заедници со возрасни луѓе, покажува анализата на оваа државна институција.
Меѓу жртвите има и деца под 10 години, а најмалото сексуално злоставувано дете било под три години.
Анализата покажува дека во тој период биле евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца.
Од нив 455 се девојчиња, а 53 момчиња.
Најголем дел од случаите – 186, се однесуваат на тешки кривични дела како силување на дете под 15 години, 99 се случаи на полов напад и 96 случаи се – вонбрачен живот со дете.
Лани се евидентирани нови 96 деца – жртви на кривичното дело против половата слобода и половиот морал, од кои 88 се девојчиња, а 8 момчиња. Повторно најчесто регистрирано кривично дело е силување на дете под 15 години со 48 жртви.
Други евидентирани дела се полово вознемирување, прикажување на порнографски материјали, производство и дистрибуција на детска порнографија и родосквенравење.
Најголем број од овие жртви се деца на возраст од 11 до 15 години.
Околу 90 отсто се девојчиња, а според етничката припадност, најмногу се од македонска и ромска националност.
Случаевите најмногу ги пријавувале родителите, медицинските установи, а поретко образовните институции и Центрите за социјална работа.
Канцеларијата на народниот правобранител детектирала сериозни слабости во постапувањето на институциите за овие случаи.
Според анализата, институциите често реагирале фрагментирано, без меѓусебна комуникација, па децата по повеќе пати се испрашувале во полицијата.
Од таму велат дека македонските институции немаат соодветни простории за испрашување на децата – жртви, обучен кадар за пристап до нив, имаат ограничени човечки и стручни ресурси, недоволни материјални и инфраструктурни капацитети, недоволно специјализирани здравствени тимови, несистемско вклучување на стручни лица во судско – обвинителските постапки, а судските постапки траеле и до две години.
Фото: Унсплеш













