Институтот за радиологија работи во две смени и за викенди, за да се намали времето на чекање на наоди, изјави денеска директорката на Институтот, д-р Соња Николова.
„Моравме да направиме внатрешна реорганизација со постоечкиот кадар, имаме проблем со кадарот, одлевање во приватното здравство, доста од кадарот замина во пензија, така што со постоечкиот кадар што не е доволен, моравме да направиме внатрешна реорганизација за да се намали чекањето на наоди.
Се работат втори смени, се работи за викенд, тоа е добра волја на луѓето кои се позади мене и мора да им се заблагодарам. Доста расчистивме од заостанатите наоди, имаме уште малку работа за да застанеме на здрави нозе и да се организираме поинаку“, рече Николова.
Денеска беше промовиран реновираниот дел на Радиологија за да се стимулира кадарот кој ќе работи, да се зголеми ефикасноста на овој оддел и со тоа да се зголеми и квалитетот на услугата на пациентите.