еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Мицкоски и Ердоган потпишале политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво

Имав исклучително значајна и конструктивна средба со претседателот господинот Реџеп Таип Ердоган, по што можам да кажам дека оваа средба е потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу нашите две земји, изјави премиерот Христијан Мицкоски кој е во официјална посета на Турција.

„На средбата разговаравме за продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена. Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар.

Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна неодамна и како што објавивме имаме соработка во делот на енергетиката со значајна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодна и гасна мрежа во висина од би рекол до една милијарда долари.

Дополнително, разговаравме и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството. Двете земји се сојузници во НАТО, а нашиот заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот,“ додаде Мицкоски.

Тој информираше дека со Ердоган потпишале заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво.

„Ова е значаен чекор за односите меѓу двете држави, а основите на ова се содржани во самиот темелен документ наречен „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција”, потпишан уште во 2008 година. Со цел да го развиеме стратешкото партнерство, донесовме одлука за основање Совет за соработка на високо ниво којшто во самиот документ носи наслов „Совет“, чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и глобално ниво.

Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.

Ваквата стратегија ќе претставува основа за развој на соработката во овие области, а Советот ќе го поттикнува нејзиното спроведување,“ додаде Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

По Македонија и Бугарија го протера рускиот свештеник и уште двајца црковни службеници

Редакција

Укинат куќниот притвор на Стевчо Јакимовски

Редакција

(Галерија) еМагазин во Кемер, Турција: Топ хотели за сечиј вкус и џеб

Силвана Жежова