Поранешниот заменик министер за внатрешни работи во последната техничка влада, Митко Бојмацалиев заработи кривична пријава оти спречил вработување на една од најдобрите студентки од Факултетот за безбедност.
Тој и началничката на Сектор за управување со човечки ресурси, стручно оспособување и усовршување, добија кривична за кривичното дело „повреда на правата од работен однос“.
„М.Б., свесно и со намера да не се склучи договор за работа помеѓу Министерството за внатрешни работи и С.Т. од Прилеп, на 27 октомври 2023 година издал наредба на второпријавената М.С. да го повлече веќе изработениот, потпишан од министерот за внатрешни работи и заведен во писарницата на МВР, договор за работа на С.Т., а второпријавената М.С. постапила по издадена наредба од првопријавениот и го повлекла веќе изработениот и потпишан договор за работа.
На тој начин на С.Т. ѝ го одзеле и ограничиле правото да заснова работен однос во МВР како дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност Скопје, а била вклучена во постапката за вработување како еден од најдобрите студенти од факултетот по препорака на Деканот на факултетот за безбедност, а која воедно успешно ги поминала сите фази од постапката за вработување и ги исполнила сите потребни услови за засновање на работен однос во МВР“, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Фото: Фејсбук/Бојмацалиев