еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Јосифовска-Спасовска: Вложувањето во жените поттикнува раст и напредок на заедницата

Инвестирањето во вработените e клучнo за развојот на компаниите, а со тоа и на целото општество.

Ова го истакна Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“, на денешниот настан Ring the Bell for Gender Equality што се одржа во Македонска берза.

Меѓународната иницијатива, отпочната од Обединетите Нации во 2015 и во која годинава учествуваат повеќе од 100 земји, има за цел да ја крене свесноста за потребата од родова еднаквост. Поводот е 8. март, Меѓународниот ден на жената, а темата е Invest in Women: Accelerate Progress.

– Вложувањето во жените мора да биде наш приоритет, затоа што целосната рамноправност сè уште не е постигната. Тоа може да се оствари само преку создавање можности што на жените им отвораат реални шанси за остварување на својот потенцијал.

Потврда за ова е фактот што Обединетите нации годинава го одбележуваат 8. март со тема што го истакнува значењето на инвестирањето во жените. Уште подобро е што причината за тоа е сосема јасна – вложувањето во жените носи напредок!, вели Јосифовска-Спасовска.

Во однос на родовата еднаквост, прогнозите на Обединетите нации не се воопшто позитивни. Ако трендовите продолжат, над 340 милиони жени до 2030 година би можело да живеат во екстремна сиромаштија. Споредено со мажите, жените минуваат трипати повеќе време грижејќи се за други лица, а притоа таа работа е неплатена. Ако им се даде финансиска вредност на овие активности, таа може да достигне и до 40 отсто од БДП на одредени земји.

Гледано глобално, жените можат да остварат околу 64 отсто од законските права што им се достапни на мажите.

Директорката во „Макпетрол“ истакнува дека ова се само дел од статистиките што се навистина загрижувачки и кои ќе бидат споменати на овој Меѓународен ден на жената. Според Јосифовска-Спасовска, најважно, сепак, е што секој од нас, како личност, но и во рамките на компанијата, во пракса презема за нештата да се придвижат кон подобро.

Таа нагласува дека, конкретно, „Макпетрол“ отсекогаш работел на овој план и вложувал во жените што се дел од компанијата.

– Историски гледано, години наназад во раководството на „Макпетрол“ жените се застапени и рамноправно придонесувале во целокупното работење на компанијата. Вработените во нашата компанија се најзаслужни за секојдневниот напредок, а жените се суштински дел од овој процес.

Во своите бизнис-планови „Макпетрол“ секогаш одвојува средства што се вложуваат во професионални обуки, можности за доедукација и отворени опции за кариерно унапредување на жените што се дел од компанијата. Како резултат на тоа, сè повеќе жени се застапени во раководните структури на нашата компанија, на што сум особено горда, вели членката на Управниот одбор на „Макпетрол“.

Марија Јосифовска-Спасовска потенцира дека ова е досегашниот долгорочен пристап кој и натаму ќе биде дел од стратешките приоритети на „Макпетрол“. Таа вели:

– Напредокот на компанијата е особено важен, но нема дилема дека тој е тесно поврзан и со напредокот на заедницата. Ако, пак, се знае дека секоја жена е нејзин носечки столб, којшто обезбедува стабилност и поддршка, инвестирањето во жените е стратегија што гарантира подобра иднина и развој на целото општество.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) На 74-годишна возраст почина пејачот Мит Луоф

Редакција

(Галерија) Штипското кафуле Angels cafe украсено како од бајките: Живи и здрави сме и тоа е доволно да уживаме во најубавиот месец во годината

Редакција

Убава вест: Оздравени 737 лица кои боледувале од Ковид-19

Редакција