еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Алкалоид во третиот квартал инвестирал 16,5 милиони евра

Вкупните инвестиции во основни средства на Алкалоид АД Скопје во периодот јануари – септември 2024 година изнесуваат 1.017.349 илјади денари, информираше компанијата.

-Во 2024 година, во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, А АД Скопјелкалоид ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.

Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него Алкалоид вложи вкупно 19,4 милиони евра.

Во првото полугодие од годинава се реализираше стратешка инвестиција и во ПЦ Козметика. Инсталирана е нова производствена линија за производство и за пакување влажни марамчиња, во вредност од 1,7 милиони евра.

Новата производствена опрема за производство на влажни марамчиња е со капацитет од 120 парчиња/минута и е дополнета со целосно автоматизирани линии за пакување. На овој начин се овозможи удвојување на капацитетите за производство на влажни марамчиња и се прошири палетата на производи кои може да се произведуваат и да се пакуваат, велат од таму.

Во 2024 година Алкалоид АД Скопје регистрираше ново друштво во Хрватска, со назив Алкалоид Фарма Интернационал ДОО Загреб.

-Имајќи предвид дека 68 % од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари. Во таа насока, новоотворениот правен субјект е осми по ред кој е основан во рамките на земјите членки на Европската Унија, велат од таму.

Компанијата регистрираше и ново капитално поврзано друштво во Казахстан, со назив Алкалоид Казахстан ДОО, кое е прва подружница на компанијата во Азија.

-Отворањето на ова друштво претставува исклучителна можност за искористување на големиот потенцијал за пласирање фармацевтски производи на овој пазар, чија вредност на годишно ниво изнесува над 2 милијарди евра. Казахстан е пазар со 19,6 милиони жители и е економија со најдобри перформанси во Централна Азија.

Портфолиото на Алкалоид во Казахстан за почеток ќе опфаќа антибиотици и додатоци во исхраната наменети за бремени жени. Во иднина компанијата планира проширување на асортиманот, како и присуство и во други земји од тој регион на интерес. Подружницата во Казахстан, лоцирана во градот Алмати, е 26-то по ред капитално поврзано друштво на Алкалоид.

Алкалоид АД Скопје како интернационална генеричка фармацевтска компанија тежнее да биде присутен во сите сегменти на овој бизнис и да им понуди на здравствените системи и на пациентите достапност до што поголемо портфолио и типови на лекови по прифатлива цена.

Покрај вообичаените генерички лекови, Алкалоид АД Скопје има стратешка цел да настапи на пазарот и со биослични лекови.

За навреме да настапи во овој растечки бизнис-сегмент во фармацевтската индустрија, Алкалоид АД, преку докапитализација на своето новоформирано друштво Алкалоид Фарма Интернационал од Хрватска, вложи во јужнокорејската истражувачко-развојна компанија Rophibio преку купување малцински удел.

Преку ова вложување во Јужна Кореја, во противвредност од 1 милион американски долари, Алкалоид АД, покрај сопственичкиот удел во компанијата, ќе добие и право на првенство при лиценцирање на производите за регионите во кои има свои операции.

Земајќи го предвид потенцијалот на пазарот, како и искуството на тимот кој ја предводи компанијата Rophibio, Алкалоид АД донесе одлука за инвестиција во оваа истражувачко-развојна компанија, која во моментов е во напредна фаза на развој на биослични лекови, велат од таму.

Алкалоид изминативе години започна процес на редизајнирање на постојните генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти.

-Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на Алкалоид, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ).

Лекови од прв избор во третманот на рефлуксниот езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во историјата Алкалоид разви течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба.

За пероралниот раствор Омепразол Алкалоид го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар, како и за пазарите во Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, во Португалија, Унгарија, Романија, во Словенија, Хрватска, Бугарија и на Косово.

Во тек се регистрациските постапки за другите земји во Европа и за пазарите во Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и за негово последователно лансирање, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во Алкалоид во третиот квартал 222 нови вработувања во Македонија

Алкалоид со консолидирани продажби од 231,3 милиони евра и извоз од 157,7 милиони евра во третиот квартал

Фото: Алкалоид

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Се продава поранешниот хотел „Вила Зора“ во Велес

Редакција

„Еси времено вработување“ го доби тендерот на Министерството за труд за привремени вработувања вреден 68.000 евра

Редакција

ЕУ повикува на формирање „коридори и паузи“ за помошта да пристигне во Газа

Редакција