Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов информираше дека, дел од потпорен ѕид на улицата „Белградска“, која поминува над клиничкиот центар „Мајка Тереза“ над Клиниката за детски болести се урнал утринава.
Информацијата стигнала од страна на граѓани, на единствениот број за итни случаи 112.
„Под оваа улица „Белградска“, што го разграничува Клинички центар со куќите над него, постои систем од шахти, од подземни канали чија сопственост не може да се утврди, а кои се во лоша кондиција и истите не ја собираат подземната вода која доаѓа од падините на Водно поради што таа избива овде на самиот ѕид и дополнително ја нарушува неговата стабилност, но и на самата улица,“ изјави Ангелов.
Според него, постои можност да дојде до рушење не само на ѕидот, туку и на дел од улицата и да дојде до поголема трагедија во која ќе бидат опфатени и возила.
„Во опасност се човечки животи, но и имот односно возила кои се паркирани под самиот ѕид“, додава Ангелов, кој потсети дека за проблемот со лошата состојба со ѕидот, кој бил накосен и постоела опасност да падне, пријава имало уште во ноември 2022 година.
Тогаш, као што вели Ангелов, биле информирани сите надлежни институции вклучително и Министерството за здравство, Град Скопје, како и Општина Центар, а запознаени биле и во Министерството за внатрешни работи за преземање на потребните мерки за заштита на животот и здравјето на граѓаните.
Тој уште еднаш апелираше до Министерството за здравство, до Град Скопје и до Општина Центар итно да се зафатат со надминување на оваа опасност за граѓаните.
Фото/видео: ЦУК