еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Видео) „Њу момент“ 30 години ја поттикнува и унапредува македонската креативност

Повеќе од 110 реномирани меѓународни награди, подготвени и реализирани над 7.500 кампањи, соработка со 600 клиенти, како и 300 вработени се само дел од успесите и достигнувањата на маркетинг-агенцијата „Њу момент“, која што годинава одбележува три децени од своето основање.

Како еден од главните поставувачи на темелите на домашниот адвертајзинг, тимот предводен од Сашо Пешев изминативе 30 години на најразлични начини ја поддржува и ја унапредува македонската креативност.

– Приказната на „Њу момент“, најмногу за нас, што сме дел од неа, но се надеваме и за опкружувањето во кое што живееме и работиме, е инспиративна затоа што докажува дека креативноста не опстојува само во големите земји и на нивните пазари, туку таа се раѓа, се развива и остварува врвни резултати и во мали региони како нашиот, не само балканскиот, туку и македонскиот.

Соработката и пријателството со Драган Сакан, којшто стои зад идејата на нашата, сега голема, а во 1993 година, агенција во зародиш, се основаше токму на вербата во квалитетите, пред сè, на нашите луѓе, но и на искуствата наталожени во овие простори.

Таа верба изминативе три децении ни овозможи да креираме идеи и решенија кои што можат да стојат рамо до рамо со светските, вели Сашо Пешев, генерален директор на „Њу момент Скопје“ и партнер во агенцијата која што има канцеларии и во Србија, Словенија, Бугарија, Хрватска, Албанија и во Косово.

Агенцијата ја одбележа 30-годишнината со мултимедијален настан на којшто гостите имаа можност да се потсетат на дел од кампањите, креативните решенија и интернационалните награди на „Њу момент“.

Гораст Цветковски ги водеше присутните низ своевиден времеплов на идеите, дел од програмата беа и бендот на Здружението на џез-музичари, Влатко Стефановски, групата трубачи предводена од Кинг Наат Велиов, диџејот Драган Б. Костиќ, а сликарски перформанс имаше уметницата од Белград, Мина Давидовац.

Меѓу големиот број награди на „Њу момент“ се и двата лава од интернационалниот фестивал на креативноста во Кан. Првиот, освоен во 2013 година, е за проектот „10 метри одвоени – Ден на заедничка молитва“, во категоријата „Титаниум – интегрирана кампања“. Вториот, сребрен, со којшто компанијата се закити во 2015 година е за „Црвениот телефон“ во категоријата каде што се наградуваат најдобрите ПР-идеи.

„Њу момент“ ја прослави својата 30-годишнина во новиот креативен простор во Скопје, „Лабораториум“. Се работи за културно-едукативен центар со којшто започнува нова ера во образованието и културата во земјава. Тимот кој што стои зад овој простор цели кон зајакнување на вештините кај младите со нови образовни форми, овозможувајќи креативна работа и изразување, враќање кон заборавените занаети и слобода за различните форми на уметничка работа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Њу Момент прослави 30 години од постоењето и градењето успешна приказна на маркетинг-пазарот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Скопје доби уште една елка, иста по големина како „несреќната“

Редакција

Драган Вучиќ почина по компликации од корона вирусот

Редакција

Кој е Ларис Гајсер кој ја објави снимката на која Боки 13 зема пари од Камчев

Редакција