еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Кривични за внуците на Ахмети, Дрин и брат му Бесијан

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека се поднесени кривични пријави за внуците на лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, браќата Дрин Ахмети и Бесијан Ахмети.

Кривичната, како што информираа од МВР ја заработиле, бидејќи директорувале со фирма која копала варовник кај кичевски Зајас, но не уплаќале пари во македонскиот Буџет, согласно концесискиот договор.

-Денеска (22.07.2024) од страна на Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава против Д.А. (26) од Кичево и Б.А. (34) од Кичево, заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 од КЗ и против Ф.Ч. (54) од Дебар, Е.Љ. (61) од Теарце-Тетово, Ј.К. (47) од Тетово, А.М. (42) од Скопје, К.Ш. (51) од Скопје, Ф.А. (47) од Куманово, и Ф.Р. (64) од Скопје заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“, предвидено и казниво по чл.353-в од КЗ.

Пријавениот Д.А., во својство на одговорно лице управител во правно лице од Кичево (во период од 2017 до сега), заедно со пријавениот Б.А., во својство на одговорно лице управител на правно лице од Кичево (во период од 2008 година до 2017 година) ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со намера да прибават противправна имотна корист.

Во период од 2016 година до 2023 година кривично пријавените постапиле спротивно на чл.75 ст.1,2 и 3 од Закон за минерaлни суровини и чл.11 од Договор за концесија за експлоатација на локалитет во Општина Зајас, склучен меѓу правното лице и Владата, претставувана од страна на тогашниот министер за економија.

Истите биле должни да плаќаат точно утврден годишен надоместок за користење на просторот кој бил доделен со концесија за експлоатација и надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина, пресметани согласно тарифникот за утврдување на висина на надоместоци за издавање на дозволи и концесии, како и да достават геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, со прецизно наведени количини на откопана количина на минерални суровини и периодот во кој тоа е извршено, предвидено во чл.64 од Закон за минерални суровини, со што постапиле спротивно на Законот и одредбите од предметниот договор за концесија, и како потписници на сметка на правниот субјект исплатиле помалку концесиски надоместоци во вкупен износ од 1.671.894 денари, при што предизвикале штета и на Буџетот.

Дополнително, пријавените Д.А. и Б.А. преку правното лице, користејќи ги придобивките од концесијата, која била активна и покрај прекршувањата на одредбите од Законот и самиот Договор, кој доколку бил навремено раскинат и не би можеле да го остварат, не би биле во можност да бидат избрани како носители на договори за јавни набавки во државните институции АД ЕСМ во вкупен износ од 7.670.000 денари со вклучен ДДВ и договор за јавна набавка кај ЈКП Водовод и канализација – Прилеп во вкупен износ од 944.000 денари со вклучен ДДВ.

Согласно горенаведеното, пријавените Д.А. и Б.А. го сториле кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по чл. 353 од КЗ.

Пријавените Ф.Ч., Е.Љ., Ј.К., А.М., и К.Ш, во својство на службени лица во Министерство за економија, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности кои согласно правилникот за систематизација на работните места во Министерството за економија биле должни да ги почитуваат.

Истите пропуштиле да извршат должен надзор над реализација по основ на договор склучен помеѓу Владата претставувана од министерот за економија и правното лице од Кичево, односно договор за доделена концесија за ископ на градежно-технички камен „варовник“ и без да утврдат дека концесионерот не доставувал геодетски елаборати со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, предвидена во член од Законот за минерални суровини, како и дека не вршел исплата на концесиските надоместоци утврдено со склучениот договор, му овозможиле на правното лице да ги користи придобивките од концесијата и непречено да остварува приходи. Согласно горенаведеното, пријавените извршиле кривичното дело „несовесно работење во службата“ предвидено во членот 353-в од КЗ.

Пријавените Ф.А. и Ф.Р. во својство на службено лице во Државен инспекторат за техничка инспекција, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, при што истите над концесионерот од Кичево не извршиле надзор во согласност со чл. 100, 101, 102, 103 и 104 од Законот за минерални суровини (кои се во надлежност на Државниот инспекторат за техничка инспекција), при што во записник за инспекциски надзор не констатирале законски пропусти во однос на активната концесија за ископ на градежно-технички материјал „варовник“.

Пријавените Ф.А. и Ф.Р. пропуштиле да извршат должен надзор и во записникот од извршен надзор не констатирале дека концесионерот во моментот не ги исполнувал законските обврски согласно чл. 62, ст.1, ст.2, ст.3, ст.4, и ст.6, чл.64 ст.3, чл. 66, чл.78, чл. 79 и чл.104 од законот за минерални суровини, при што не му изрекле мерка за прекршок и му овозможиле на правното лице да ги користи придобивките од концесијата и непречено да остварува приходи, со што го извршиле кривичното дело „несовесно работење во службата“ предвидено во членот 353-в од Кривичниот законик, а со тоа нанеле штета на Буџетот.

Согласно наведеното, пријавените извршиле службени дејствија кои што не смееле да ги извршат, односно сториле кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 и „несовесно работење во службата“ предвидено во членот 353-в од КЗ на РСМ, при што предизвикале штета и на Буџетот во вкупен износ од 1.671.894 денари, велат од МВР.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кој е Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, кој се повлекува од „Тор индустрис“, која има удел во „Соравија“

Дрин Ахмети на „тапет“ на Антикорупциска за дозволите за хидроцентралата

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

УЈП утврдила неправилности кај 114 трговци за одлуката за ослободување од ДДВ на основните производи

Редакција

Тешко повреден полициски службеник откако бил нападнат од 13 лица во струмичко

Редакција

Со лична и колективна дискредитација не се доаѓа до запирање на штрајкот, вели Неделков

Редакција