Собранието го донесе Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка. „За“ гласаа 65 пратеници, против 15, воздржани немаше.
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи смета дека овој заем е удар за домашните компании, нивно исфрлање од економската орбита на оваа Влада.
„Ова е удар врз трудот на македонските бизниси, економско предавство на татковината. Ова ново задолжување од 500 милиони евра директно ја загрозува макроекономската стабилност на државата и дополнително ќе го оптовари јавниот долг, кој веќе се движи на опасни нивоа.
Како што кажав при ребалансот на буџетот, кога некои 400 милиони евра од овие пари беа скриени, со додавање на овие средства јавниот долг ќе надмине 68%, а ако продолжат со истата пракса на редовно задолжување, ќе достигне дури 75% од БДП, што ќе претставува алармантна граница за економска криза, а кон која Владата има очигледна намера да нè доближи.
Ова не само што ќе го ограничи просторот за идни фискални политики, туку ќе создаде долгорочни обврски, кои ќе мораат да се финансираат преку повисоки даноци или кратења во јавните услуги“, рече Битиќи, кој стратегијата на Владата ја оцени како типична за авторитарни држави.
„Недостигот на транспарентност во врска со условите на овој заем, заедно со неговата геополитичка природа, укажува на намери што не се само економски, туку и политички мотивирани, ставајќи ја државата во директна зависност од надворешни актери со ерозивни агенди“, рече Битиќи.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски рече дека заемот ќе биде искористен за две цели.
„Прво за финансирање на инфраструктурни проекти во општините во износ од 250 милиони евра, а второ за финансирање на кредити на евтини кредити кон стопанството од 250 милиони евра,“ рече Стојаноски.
Фото: Унсплеш