Денеска премиерот Христијан Мицкоски во Владата имаше официјална средба со неговиот колега од Косово, Албин Курти. Освен теми поврзани со добрососедските односи, на средбата станало збор и за инцидентот на Меѓународниот аеродром Скопје со претседателката на Косово, Војоса Османи.
„Според информациите кои што го добивме од официјалните лица на аеродромот ТАВ е дека се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови, и дека на ваков тип на процедури сум подложен и јас како македонски премиер, македонската претседателка и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот, иако морам да кажам дека јас не го користам, туку го користам делот како и сите граѓани.
Но, тоа за нас навистина предизвика едно чувство со кое што жалиме и не сакаме тоа да се повтори. Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена како и сите граѓани на Косово; и лично следниот пат доколку ја добијам навремено информацијата ќе ми биде задоволство да ја пречекам како домаќин на аеродромот, и заедно со мене, додека не отпатува од Скопје ја придружувам во времето во кое што таа ќе го помине на скопскиот аеродром, за да избегнеме ваков тип на инциденти.
А посебно однесување на поединци, што е наш домашен проблем, кој што ние ќе си го решаваме,“ изјавил Мицкоски на средбата со Курти.
Тој истакнал дека добрососедските односи се двонасочна улица, и државата сака со Косово да имаме исклучително плодни и искрени добрососедски односи.
„Ја истакнавме потребата од зголемување на економската соработка помеѓу двете земји, нешто кое што е многу важно. Во овој момент, според последните податоци од Државниот завод за статистика, е дека размената за 2023 година е на ниво на половина милијарда евра.
И не гледам причина зошто со напорите на двете влади таа размена да не е уште поголема. Со изградбата на инфраструктурните проекти, автопатот кој што ќе го поврзе граничниот премин со нашиот главен град, потенцијалниот патен правец кој што ќе ги поврзе Тетово и Призрен, и така натаму, приоритети кои што се многу важни,“ додаде Мицкоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На косовската претседателка не ѝ е првпат да направи инцидент на скопскиот аеродром, објави СДК
Фото: Влада