еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ се проширува и во Општина Битола

Учениците од 12 основни училишта во Општина Битола ќе имаат можност да учествуваат во работилници против врсничко насилство во рамки на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“, информираат од компанијата.

Изминативе денови, Штип, Бутел, Петровец и Чучер-Сандево се приклучија на активностите на „Крени глас против врсничко насилство“, а денес и Битола. За поефикасна реализација, градоначалникот Тони Коњановски и членката на Управниот одбор и директорка во компанијата, Марија Јосифовска-Спасовска потпишаа меморандум за соработка.

„Приклучувањето на општините, како што сега тоа го прави и Битола, за нас е еден од најзначајните показатели дека вредностите на кампањата се препознаени од различните чинители и сегменти во општеството. Тоа ни отвора пат за соработка преку која што заеднички би дошле до решенија во врска со проблемот со булингот, а со крајна цел, тој што помалку да биде дел од животот на младите.

Случаите со врсничко насилство се честа појава. Веројатно сите ние, на извесен начин, за тоа сме потполно свесни. За жал, тоа се потврди деновиве. Нашиот пристап ги следи искуствата од земјите кои што подобро се справуваат со врсничкото насилство. Во таа смисла, сите што се дел од вакви случаи, без разлика на улогата, многу веројатно ќе сносат долгорочни последици и затоа на сите нив треба да им се обезбеди поддршка,“ вели Јосифовска-Спасовска.

Во битолските основни училишта „Гоце Делчев“, „Даме Груев“, „Ѓорѓи Сугарев“, „Коле Канински“, „Крсте Петков Мисирков“, „Св. Кирил и Методиј“, „Св. Климент Охридски“, „Стив Наумов“, „Александар Турунџиев“, „Д-р Трифун Пановски“ и „Тодор Ангелевски“ ќе се одржат работилници за булинг. Психолог, којшто изминативе години работи со млади кои се соочиле со врсничко насилство, ќе ги сподели знаењата и искуствата со учениците, но и со стручните служби. Здобиената едукација тие потоа ќе можат да ја применуваат во секојдневната настава.

По отпочнувањето на кампањата, „Макпетрол“ потпиша меморандуми за соработка и со Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, како и Ѓорче Петров. До крајот на 2023 година, работилници беа организирани во пет од наведените општини, додека во останатите, тие се во тек или ќе се одржат во периодот што следува.

Освен работилниците, како пристап којшто на учениците им обезбедува едукација за булингот, но и директна поддршка, дел од соработката со општините е и достава на материјали испечатени од „Макпетрол“. Физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството се формите на булинг, а токму тие се подетално обработени и претставени во споменатите едукативни прирачници. Тие се наменети за децата, но и за нивните родители и наставници.

Информации, совети и искуства поврзани со булингот се содржани на интернет-страницата kreniglas.mk. Како централен дел на кампањата, оваа платформа, за децата, родителите, како и за наставниците обезбедува голем број знаења кои што помагаат подобро да се запознае проблемот со врсничкото насилство. Вебсајтот содржи и интерактивни тестови кои што можат да се решат анонимно. Преку нив секој ќе открие дали бил извршител, жртва или набљудувач на случаи со булинг.

На интернет-страницата, исто така анонимно, може да се сподели личната приказна поврзана со врсничкото насилство.

Со кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, „Макпетрол“ реализира еден од своите стратешки приоритети – општествената одговорност. Преку активностите и јавната комуникација на оваа тема, компанијата цели кон обезбедување поддршка на младите генерации, како клучни за развојот на земјата, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кои варијанти на Ковид-19 доминираат во Македонија

Редакција

Која е Пиксел груп, која се спомнува во аферата „Броило“, која ја обелодени ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

Анализа: Во сообраќајни несреќи по нашите патишта, животот го губат 158 лица годишно

Редакција