На 23. јули 2024 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која биле разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од таму.
На седницата било оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Со тоа, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно.
„Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на јуни изнесува 4.337,5 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар и натаму се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината, при солиден прилив на девизи и на менувачкиот пазар,“ се вели во соопштението.
Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во април и мај 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар во вториот квартал се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери, велат од таму.
„Во монетарниот сектор, депозитниот потенцијал на банките во јуни 2024 година расте со солидна стапка, но под очекувањата, а растот на кредитната активност е малку над очекувањата. Притоа, денарското штедење и штедењето на долг рок бележат раст и во јуни, поддржан и од мерките на Народната банка,“ се додава во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Растот на економијата 1,2%, поумерено од очекуваното, велат од Народна банка
Годишната стапка на инфлација во јуни забави и изнесува 3,2%, оценува Народна банка