еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Пасхалија, ароматичен спој на македонскиот козињак и италијанската коломба за збогатување на велигденската трпеза и продолжување на традицијата

Една од најстарите и најпрепознатливи пекари во Скопје, Ваташа, во својата богата асортиманска понуда, за Велигден нуди нов производ – Пасхалија.

Станува збор за цитрусна испреплетеност на вкусови на македонскиот козињак (милиброд) и италијанската коломба.

„Идејата за овој производ потекнува од желбата за збогатување на велигденската трпеза и разбивање на монотонијата на конзумирање на јагнешко месо и јајца, но пред се со цел возобновување на традицијата, благото лепче повторно да се најде на велигденската трпеза.

Од пекарски аспект, сакавме да се вклучиме во чествувањето на празничната трпеза, бидејќи по долги години производство на милиброд, заинтересираноста за негово конзумирање за Велигден, опаѓа.

Оваа традиција полека изумира кај нас, а сите околни земји си ја негуваат. Оттука и идејата од една страна да понудиме нешто ново, а од друга страна и да си ја зачуваме традицијата,“ вели за еМагазин, Зоран Митовски од пекара Ваташа.

Митовски раскажува дека долги години имал желба да научи како се замесува панетоне, италијанско божиќно лепче, кое од коломбата се разликува во малку состојки и во формата.

„Лани имав среќа да посетам курс во Милано каде што научив како се подготвува панетоне, кој всушност е така да кажеме татко на коломбата. Кога се вратив во Македонија, Ваташа беше една од првите пекарници кои започнаа со продажба на панетоне, но направено занаетчиски.

За разлика од индустриските, го подготвуваме три дена, со неколку пати процес на замесување и долга ферментација, низ кои всушност се добива комплексен вкус, а истиот е збогатен социтрусни ароми кои потекнуваат од пастата од портокал, кандираниот портокал, сувото грозје, чистиот путер, пастата од ореви,“ додава Митовски.

Нашиот соговорник вели дека овој производ веќе е препознаен помеѓу љубителите на добриот вкус, и искрено се надева дека ќе помогне во возобновување на традицијата.

Пасхалијата во Ваташа може да се најде до утре, а идејата е од догодина да се продава и неколку дена после Велигден.

Пекара Ваташа постои од 1981 година, првиот дуќан е отворен во Кавадарци, а во Скопје се наоѓаат на четири локации, во која работат трета генерација на пекари од семејната лоза на одржување и развој на пекарскиот занает.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Истражување: Светот најтажен, најгневен и најуплашен од кога било досега

Редакција

Познати кандидатите за заменици министри на Алијанса за Албанците

Редакција

Колку пари чуваат граѓаните и фирмите во Стопанска банка Скопје во третиот квартал

Редакција