еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

„Премин“ на Готра – музички код на слободата

Пишува: Архимандрит Кирил Бигорски

Кон крајот на минатата, 2024 година, со достојно внимание и чест беше одбележана 30-годишнината од „Пред дождот“, филмскиот опус магнум на Милчо Манчевски, кој му подари на светот едно потресно и профетско сведоштво за времето, просторот и за преплетените човечки животни теченија.

Неговата визуелна поетика, со содржајна симболика и философска продлабоченост, беше придружена и облагородена од музиката на сега веќе митската македонска група Анастасија – музика што метафизички ја надминува линеарноста на звукот и станува молитвен, созерцателен, мистичен призив.

Од тој величествен звучен свет на Анастасија, една композиција останува бесмртно моќна, вонвременски красна, со ништо неизбришлива од колективната меморија на моето поколение, а и на поколенијата пред мене, како и на тие по мене. Тоа е најблагоуханиот цвет од тоа музичко цветособрание: Премин. Ако Анастасија е воскресението во македонскиот музички свет, Премин е самата пасха во одандестраното.

Премин од композиторот и текстописец Горан Трајкоски е еден од епохалните музички моменти во македонската историја. Тоа е сотворение што ја надминува секоја временска и просторна граница, песна што не припаѓа само на Македонија, туку на секој човек што трага по својата духовна слобода.

Преминот во православното откровение никогаш не е само физички чин, туку онтолошка преобразба. Тоа е сретение со сопственото внатрешно битие, со сопствените гревови, стравови и надежи, со светлината и темнината што постојано водат борба во нас. Премин е токму тоа – една лирска но и литургиска евокација на најдлабоката борба во човечката природа: да се напушти минливото, да се најде мост, врата кон вистинското постоење.

Тоа не е само глазбена песна, туку и химна на нашето време, химна на човечката душа, на нејзиното притеснение, на нејзиниот сомнеж, на нејзината борба, на нејзината жед за живот, за премин од привременото во вечното, од овој свет на злобата во оној на бесконечната добрина.

Со исконските звуци на источно-православната музика, на ромејското пеење и на минималистичката монотонија што се издигнува во космички лелек, Премин на Готра не е само едно добро структурирана композиција. Е и тоа, но и многу повеќе од тоа. Таа е молитва, воскрик, покајание, љубов кон Татковината (и земската и небесната), премин кон она што е неизмерливо, но суштински реално.

Песната започнува со призвуците на нешто што наликува на длабока душевна потрага, на нешто суштествено и исконско, и се развива во звук што потсетува на ехо од древни времиња – како нешто што не се слуша само со ушите, туку, пред сè, со срцето.

Гласот, што во почетокот е философски одек со есенцијални реторички прашања, се издигнува во вознесеност што повикува на излегување од светот на суетата и влегување во пределите на Божественото. Дали тоа е основниот крик на нашето внатрешно битие? Дали тоа е повикот на последниот час, звукот на човековата душа што конечно се соочува со своето есхатолошко предназначение?

Текстот, едноставен, но неизмерно длабок и проникнувачки, ни дава еден вид славословно молитвено сведоштво:

И Оној од Кого сум
Нема да дозволи
Оној што ме возљуби
Нема да ме остави
сам сред’ шума густа
од раце што ме грабаат.

Нешто во овие стихови силно наликува на библиска химнографија, дека милоста Божја нема никогаш да нè остави. Кај човек созрева сознанието дека љубовта Божја го има последниот збор, дека од неа не може лесно да се побегне и дека каде и да сме – таа ќе нè пронајде.

Со оваа песна пораснавме. Барем лично јас – и тоа буквално. Велам буквално, затоа што во еден мој разговор со Готра, го замолив да ми раскаже малку повеќе за генезата на Премин: првата демо-верзија ја снимил во едни поинакви времиња – иако не толку дамнешни, но сепак многу различни – на касетофон со снимач, во епоха кога Бог и Црквата биле табу тема, свирејќи на акустична гитара, во летото 1986, во поколението на Чернобил, на кое припаѓа и авторот на овие редови. И затоа, можете да разберете колкава чест претставува лично за мене тоа што, заедно со моите другари со кои ја сочинувавме нашата средношколска рок-група Сид, имавме благословена прилика да му бидеме предгрупа на Мизар на Готра во Битола, пред нешто повеќе од две децении.

Значи, со Премин пораснавме, не само како слушатели, туку и како битија што несвесно носеа во себе тајна на едно време, како печат на едно постојано трагање и повикување кон нешто што не сме можеле секогаш да го објасниме, но сме го чувствувале длабоко во себе. Неколку поколенија души од нашето поднебје се израснати со нејзините звуци и стихови, а и новите генерации, без разлика на нивните лични убедувања и разбирања, не остануваат рамнодушни пред нејзиното духовно величие.

Некои ја чувствуваат како мантра, како обредна химна на некаква таинствена вера, други како повик на покајание, на преумување, на поинаков начин на живот. За многумина таа е потсетување дека сме минливи, дека времето во кое живееме не е наше, дека човекот е само патник во светот, бегалец од сопствената сенка, чијашто постојана татковина не е од овој свет.

Во ова време кога светот е преоптоварен со бучава, Премин останува како свечен, возвишен, смирен, но сепак потресен и отрезнувачки повик:

Стојам
Да не би достојал
Пред не знам чија
Чија врата
И пак проверувам
Буден сум или сонувам
Созерцувам или прелестувам…

Оваа Песна над песните во современата македонска музика е личен амблем на нејзиниот творец Горан Трајкоски – генијалниот композитор, чијашто музика не е само хармонија на звуци, туку и патување; не само мелодија, туку и премин кон една друга, подлабока стварност.

Неговото дело, вкоренето во мистиката на православната духовност, во духот на Ромејството, но и во експерименталната рок-авангарда на светската музичка сцена, останува како неминлив белег во македонската култура, како код што не може лесно да се дешифрира, но кого секој што го слушнал, го чувствува длабоко во срцето.

Неговата уметност не е ниту обична рок-музика, ниту пак само неофолклорна интерпретација на минатото. Тој создаде сопствен музички јазик, во кој се преплетуваат древните напеви на источно-православната химнографија, македонските народни созвучја, но и модерната електронска и амбиентална музика.

Премин на Готра е исповед, откровение, глас што доаѓа од внатрините на пробудената душа, како и од недостапните височини на вечноста. И затоа со длабоко уверување ќе кажеме дека Горан Трајкоски не е само музичар – тој е најнапред созерцател. Како еден вид музички исихаст, тој преку своите композиции бара и нуди одговор на најголемите прашања на човековата егзистенција.

Во музиката на Горан постои нешто необично, сакрално. Нешто што го тера слушателот да замолкне, да застане, да се вслуша со внимание и со некој необичен трепет, како кога некој го отвора Светото Писмо и прелистува страници што говорат за тајната на битието, за значењето на човекот. Тоа воопшто не е лесна музика. Не е за масовно консумирање. Не е за нашето време, а сепак насушно потребна за нашето време. Тоа е музика за размислување, за созерцување, за патување, за освестување.

Меѓу другото, Горан Трајкоски е и автор на музиката за документарниот филм на Илија Ико Каров за Бигорскиот Манастир: „1000 години – Сведок на Светлината“, за која доби награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, што лани се одржа во градот Асперн, Австрија.

Несомнено, Готра создаде нешто универзално, нешто што може да се чувствува без разлика на јазикот, нешто што ги победува веригите на времето и просторот и не престанува да го обзема оној што со отвореност на духот ќе му се доближи. Со секое огласување на неговиот „тежок глас“ во „новите химни“ се обновува таа мистична врска меѓу човекот, неговото битусување и бесконечното. И како што заклучува нашиот Старец, владиката г. Партениј: „Готра спаѓа во најдоброто што ѝ се случило на македонското музичко, културно и духовно потсончевие во поновата наша историја“.

Како гласој пророчки
Химни светоотечки
Да викнам од глубини
Да запеам в пустини
Како камен низ гора
В понор да се стркалам
Како поток планински
Кон Тебе да побрзам
Кон Тебе да поитам
Слава да Ти принесам.

Посветено на Билјана Василевска – Трајкоска (†2024)

Извор:bigorski.org.mk/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Фотографии кои ќе ве вратат во детството: Санкањето во маало и радостите на снег

Редакција

Од Владата велат дека државата нема да плаќа пенали на Бехтел и Енка, туку дополнителни трошоци за изградба ако не се зголеми работната недела

Редакција

Лажни се пријавите за наводно поставени бомби во училишта во Скопје и Куманово, завршија сите потребни проверки, велат од МВР

Редакција