еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Пристапот до финансиска сметка кај граѓаните се зголемил од 11 на 85%, во период од седум години

Со своите напори за унапредување на финансиската вклученост и финансиската едукација, Народната банка успешно придонесува за зголемување на вклученоста на населението во финансиските текови, што е од особено значење за економскиот развој и благосостојбата на граѓаните, информираат од таму.

Ова било истакнато на состанокот помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг и нивните тимови, којшто се одржа на маргините на Десеттата меѓународна конференција од високо ниво, во организација на Народната банка.

На средбата било посочено дека Народната банка низ годините има преземено повеќе крупни чекори кон зголемување на финансиската вклученост и едукација, меѓу кои би можеле да се издвојат првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, поставувањето на финансиската писменост и вклученост помеѓу стратегиските цели на Народната банка, како и основањето посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во рамките на Народната банка.

Од годинава Народната банка се придружи кон АФИ, којашто е мрежа на централни банки и финансиски регулатори чија цел е да се унапреди финансиската вклученост.

-Во изминатиот период се постигнати видливи подобрувања во финансиската вклученост кај нас, со раст од 11 процентни поени на населението постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка до 85% во периодот од 2014 до 2021 година, според последните податоци на базата на податоци на Светската банка, „Финдекс“.

Сепак, постои простор за понатамошно подобрување имајќи предвид дека во еврозоната учеството на возрасните кои користат платежна сметка е речиси 100%, велат од таму.

На средбата станало збор и за политиките за намалување на родовите јазови, заради намалување на структурните нееднаквости и со тоа забрзување на економскиот раст, како и на улогата на централните банки за зголемување на општествената и економската свест за родовата еднаквост.

„Родовата вклученост е прашање за сите. Ако се бориме за поголема застапеност на жените во бизнисот, финансиските услуги и во носењето политики, тоа е затоа што општеството како целина има корист од посилни жени. Пред пет години, оваа дискусија би била посветена на регулаторните препреки, но денес ја препознаваме важноста на решавањето на правните и општествените препреки, за да постигнеме вистинска родова вклученост“, истакнал Ханиг.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Неспроведувањето на Мијалков е техничка грешка на Кривичен, тврдат од затворот во Струга

Редакција

(Галерија) Трет ден Моден викенд Скопје

Редакција

(Видео) Разбиен „суперкартелот“ одговорен за третина од кокаинот во Европа

Редакција