еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Самит Македонија2025: Успешни приказни за семејни бизниси

Најстариот запис за семеен бизнис датира од Јапонија, имено градежната компанија „Куто думо“ е основана 566 година и се уште работи. Постои 1.500 години, и има 40 генерации на директори од иста фамилија. Започнала со изградба на будистички храмови.

Со оваа импресивна приказна за успешен јапонски семеен бизнис, започна панелот посветен на семејните бизниси во рамки на Самит Македонија2025.

Приказните за семејните бизниси, на овој панел ги раскажаа Алтан Малиќи, Глигор Цветанов, Кирк Зафировски и Владислав Лалиќ.

Никој не треба да ти даде, туку треба сам да си земеш

Алтан Маличи од Маличи груп е втората генерација од водењето на семејниот бизнис. Според Маличи, најважно за семејниот бизнис е да се задржат работите кои се важни како за семејството така и за бизнисот, и во комбинација со старото да се воведат нови работи и иновации.

Според него, не било лесно 10 компании со различна структура да се спојат во една. Тој вели дека важен дел од тој процес биле вработените кои се со долгогодишно работно искуство, како и помошта од експертите.

„Не сакавме веднаш да почнеме да растеме, сакавме да видиме до каде сме, што е потребно да се направи, каде ни е силата, каде сме слаби и да направиме добар план. Се обидовме да го земеме најдоброто од првата генерација и да го комбинираме со втората генерација и со новите трендови.

Потребно е егото да се остави, и оттука побаравме помош од професионалци кои ќе ни помогнат да ја унапредиме компанијата. Потребни се добри луѓе, експерти кои сакаат да работат, професионалци кои ја познаваат индустријата.

Немав храброст да ја превземам менаџерската улога во некој од бизнисите, туку побарав да учам од подобриот, да учам од луѓе кои се поискусни. Им веруваме на луѓето со кои работиме, не гледам на тоа дали ни се семејство. Сите се членови на семејството, без разлика на крвно сродство. Повеќе време поминуваме со колегите отколку со семејството,“ изјави Маличи.

Тој вели дека секоја генерација си има друг пристап во работењето, бидејќи времињата се менуваат.

„Тесно соработуваме меѓу себе, транспарентни сме, водиме политика на отворени врати. Кога имаме различни мислења, се сослушуваме и го земаме најдоброто. Според мене, неуспехот е најголемиот учител. Потребно е да бидеме покрај третата генерација, кога ќе имаат одговорност за да донесат тешки одлуки, да сме блиску до нив. Тоа е подобро, отколку да не им дозволите да грешат,“ вели Маличи.

Неговата филозофија е дека никој не може да ти даде, туку треба сам да земеш и да видиш што сакаш да работи.

„Во една прилика кога го прашав татко ми, што да работам, ми одговори, што сакаш. Оттука сфатив дека никој не може да ти даде, туку треба сам да си земеш,“ раскажува Маличи.

Според него, важен е менталитетот на луѓето во компанијата, како и корпоративната култура.

„Имаме устав на компанијата и се обидуваме да се држиме до него. Потребно е луѓето да делуваат не како поединци, туку како групи, како семејство,“ дополнува Малоичи.

Не е нужно директорите да се од семејството

Генералниот директор на една од најуспешните македонски компании „Макпрогрес“, Глигор Цветанов изјави дека компанијата постои 34 години, а тој е во неа 13 години.

Тој вели дека ги поминал сите внатрешни процеси, и со неговиот татко имаат заеднички видувања за компанијата. Цветанов го загрижува фактот што статистиката покажува дека 70% од семејните бизниси не ја преживуваат втората генерација и не постојат институции кои работат на генерациски трансфер во компаниите.

„Процесот на семејна транзиција не е лесен, бидејќи или компанијата не е подготвена или основачот не е подготвен да ја предаде моќта на наследникот или пак наследникот не е подготвен да ја превземе таа одговорност. За среќа транзицијата во втората генерација ја преживеавме.

Мојот син е веќе во компанијата, почнува од пониските позиции. Не секогаш е нужно сопствениците да се и директори. Децата, ако не се подготвени подобро е да не бидат менаџери. За секоја семејна компанија, важно е да има семеен устав, кој на членовите на семејството ќе им даде насоки и секој да си го знае своето место во компаниите. На тој начин ќе биде појасно во која насока компанијата треба да се движи,“ додаде Цветанов.

Тој вели за овие 30 години работа со татко му, тие се мешавина од неговото искуство и мудрост и неговата страст и волја за нови технологии и нов начин на размислување.

„Сфативме дека не можеме сами, најпрво создадовме добра структура на професионални менаџери. Иако сме семејна компанија, менаџерите се однадвор. Компанијата брои 700 луѓе и потребно е да ја водат професионалци,“ додаде Цветанов.

Кирк Зафировски од Заф груп, син на Мајк Зафировски истакна дека во нивната семејна компанија исто така има устав, според кој се водат во кој правец ќе се одвива бизнисот.

„Учиме од грешките, бараме ментори за развој на стратегии. Основата ја поставивме, но не знаеме како сето тоа ќе се одвива во наредните 5 до 10 години. Но она што треба да се истакне  е што нашата организација, е филантропски настроена. Една од целите е 10% од нето-вредноста да вложуваме во нешта што за нас се важни,“ изјави Зафировски.

Владислав Лалиќ, кој исто така беше дел од говорниците, не доаѓа од семејна компанија, но го раскажа драгоценото искуство кое го стекнал од работата во Икеа, која е семејна компанија.

Според него, најголем дел од успехот на оваа компанија и она што таа денес претставува е што имала одлична корпоративна култура, како и тоа што нејзиниот сопственик откако се повлекол и ја оставил компанијата на професионалци, таа ја зголемила својата вредност, профитабилност, по број на продавници за тројно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Самит Македонија 2025: 90 лица од дијаспората им помагаат на македонските компании да го зголемат извозот

Самит Македонија 2025: Раст од 5% на БДП, за Македонија да фати економски чекор со останатите

Фото: Македонија 2025

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Нашата Ивана на модно шоу кај фантастичниот дизајнер Рик Овенс

Редакција

96,6% од потрошената струја во август, била од домашно производство

Редакција

Поранешен директор на ПИОМ Тетово вработувал и давал плата на лица кои не ни доаѓале на работа

Редакција