еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Скопската зоолошка детектирала угинато животно и не постапила законски, велат од АХВ

ЗОО Скопје иако детектирала угинато животно на 14.10.2024 година, не постапила по законските процедури, според кои е должна секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријави до надлежниот официјален ветеринар согласно Член 50 од Законот за ветеринарно здравство, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од каде велат дека Зоолошката прекршувајќи ги законските обврски, самостојно доставила примерок до Факултетот за ветеринарна медицина, кој е примен на обработка на 15.10.2024 година.

„На ден 18.10.2024 година за жал на сите нас е добиен наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип, сој H5N1 кај гуска.

И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје не почитувајќи ги законските прописи не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно постапила спротивно на член 4 од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца бр 161/2016, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, односно во што е можно пократок рок до АХВ.

За да ги демантираме во целост информациите од различните портали, коментари, ЗОО Скопје и правично да ја информираме јавноста, се додава во соопштението, јасно кажуваме дека ветеринарната дејност од јавен интерес на територијата на Македонија, ја спроведува Државнa ветеринарна служба во соработка со други органи и институции, преку Агенцијата, директорот и референтна лабораторија која работи за потребите на Агенцијата врз основа на договор,“ се вели во соопштението.

На 19.10.2024 година надлежниот официјален ветеринар од АХВ заедно со Раководителот на СЗЗБЖ овластен од страна на в.д. директорот Оливер Миланов извршил вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје, посочуваат од АХВ.

„Притоа, во одгледувалиштето на ЗОО Скопје официјалниот ветеринар донесе забрана за влез на посетители, забрана на пристап до езерцето во кое била пронајдена угинатата птица со исклучок на тројца вработени кои со полна заштитна опрема вршеа убивање и манипулација со птиците.

Земање, пакување и испраќање на примероци за лабораториски тестирања согласно дијагностичкиот протокол од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца. Чистење и дезинфекција на просторот околу езерцето во која зона се движат овој вид на птици.

Забрана за движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето. Се задолжи надлежната ветеринарна служба задолжително да врши пријавување на промени на здравствената состојба на живината и дивите птици до надлежниот официјален ветеринар и примена на биосигурностните мерки при спроведување на сите активности,“ велат од АХВ.

Дополнително, се посочува во соопштението, официјалниот ветеринар при вршењето на своите задачи може да побара асистенција од овластено лице од Министерството за внатрешни работи.

„За жал побарана е асистенција поради присуство на лице кое се претставило дека е вработен во градската администрација и истото ја попречуваше работата на инспекциските служби и за кое дело МВР има записник. Но, мора да се заблогадариме на вработените лица во ЗОО Скопје кои несебично ни дадоа полна поддршка и земаа активно учество во спроведување на наредените мерки.

АХВ работи во служба на граѓаните, и ќе се залагаме да се постават стандарите на нашето општество на највисоко ниво, ЗОО Скопје ни е едно од најпосетените места од најмладите посетители, а децата и нивното здравје е фокус за градење на здраво општество.

Како директор на АХВ донесов Решение за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птиците и наредување на заштитни и контролни мерки. Сомнежите во јавноста и споделените видеа за начинот на собирање и отстранување на затекнатата живина во одгледувалиштето се во целост со почитување на протоколите за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца и Законот за благосостојба на животните и меѓународните протоколи, и коментарите по истите не е во ред да бидат коментирани од лица некомпетентни за истото.

Сомнежите за ЗОО Скопје дали е извор на бактерии или вируси, дали е постапувано и до сега согласно законските прописи, угинување на многу животни за краток временски период и низа нерегуларности ќе бидат предмет на дополнителни истражувања од надлежните органи.

Како директор на АХВ ве уверувам и апелирам да верувате во стручните служби, бидејќи носиме и имплементираме законски и подзаконски акти кои го штитат здравјето на животните, благосостојбата на животните и заштита на здравјето на луѓето. Во наредниот период ќе бидете известени за сите наши мерки и активности,“ се појаснува во соопштението од АХВ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

АХВ потврди птичји грип во Скопската зоолошка градина, ќе бид затворена 21 ден

Скопската зоолошка е затворена поради сомнение за присуство на птичји грип

Фото. Скопје ЗОО/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

27-годишен затвореник од Велес починал во Идризово

Редакција

Во кои делови на Македонија се регистрирани најсилните земјотреси

Редакција

(Видео) Мукаетов за Al Jazeera Balkans: Алкалоид за 17 години порасна за 4 и пол пати

Редакција