еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Бизнис-планот на Алкалоид за 2024 година предвидува консолидирани продажби од над 295 милиони евра

Бизнис-планот на Алкалоид за 2024 година предвидува консолидирани продажби од над 295 милиони евра, што претставува раст од 12 % во однос на очекуваните за 2023 година.

Сегментно, по профитни центри, 89 % од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 11 % ПЦ Хемија, козметика и билкарство.

Се очекува 31 % од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 69 % од извоз.

Планираниот биланс на успех предвидува раст од 11 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA).

Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2023 година.

ИНВЕСТИЦИИ

-Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении Алкалоид АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 200 милиони евра.

Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, како и нов магацински простор за складирање суровини, стои во планот.

Во завршна фаза е и најзначајната инвестициска активност – нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати). Вредноста на вкупните инвестиции во овие нови производствени капацитети достигнува над 30 милиони евра.

-Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети.

Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи. Бизнис-планот за 2024 година предвидува инвестирање на околу 10 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, велат од компанијата..

ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ

Истражување и развој во Алкалоид повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, нови технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на Алкалоид, со грижа за заштитата на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа, велат од таму.

-Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите.

Бизнис-планот во 2024 година предвидува раст од најмалку 15 % на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќе ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.

Животна средина и општествени прашања (ESG) Изминатите две години како стратешки императив и приоритет ја поставивме имплементацијата на стандардите Environmental, Social and Governance (ESG) за интеграција и за известување во компанијата.

Донесовме голем број внатрешни акти кои го систематизираат работењето на сите сектори во согласност со ESG-принципите. Одговорноста спрема животната средина и спрема заедницата се составен дел од секојдневието на секој еден вработен во Алкалоид, во сите земји каде што имаме воспоставено операции.

Во иднина ЕСГ-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира пренесувајќи се на сите иматели на удели во Алкалоид со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет, велат од таму.

ВРАБОТЕНИ

Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2024 година очекуваме околу 100 нови вработувања во Алкалоид АД Скопје, како и околу 70 вработувања во друштвата во странство, посочуваат од таму.

-Продолжуваме со вложувањата во човечкиот капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен.

АКЦИИ

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата.

-Цената на акцијата во 2023 година се движеше од 17.199 до 18.500 денари или просечно 17.752,44 денари за една акција.

Цената на акцијата на последната трансакција на 25.12.2023 година изнесуваше 18.150 денари. Пазарната капитализација на компанијата во декември 2023 година изнесува 26 милијарди денари, велат од таму.

ДИВИДЕНДНА ПОЛИТИКА

Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати, велат од таму.

-Планот предвидува алоцирање на дел од нетодобивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции, посочуваат од компанијата.

Бизнис-планот на компанијата за 2024 година е донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2023 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Заев, Вучиќ и Рама од Охрид: Ќе изградиме поинаков Западен Балкан кој ќе биде фактор во Европа

Редакција

Кардула прашува зошто Град Скопје не ги предал делата на Атина, собрани во хуманитарни цели

Редакција

Велика Сабота, денот меѓу смртта и воскресението

Редакција