Вкупно осум години затвор добија Виктор Милановски и Саша Челичиќ за грабнувањето на Самоил Костадиновски, внук на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски.
Милановски доби 5 години и десет месеци казна затвор, додека за помагање Челичиќ, доби две години и три месеци затвор.
„Обвинетите Виктор Милановски и Александар Трпков, кој е во бегство и е недостапен на органите за прогон, се виновни затоа што на 3. март 2023 на улица „Христо Татарчев“ во Скопје заеднички извршиле грабнување со закана дека ќе го лишат од живот оштетениот Самоил Костадиновски, со намера да го присилат оштетениот да ја плати претходно украдената наркотична дрога-роба“, рече судијката Славица Наумова Јосифовска на изречувањето на казната.
Таткото на исчезнатиот Самоил, Љупчо Костадиновски е незадоволен од пресудата.
„Судот е корумпиран и е потплатено се. Не може некој да украде велосипед или да украде дрва и да добие повисока казна. Не може еден човек да вреди со ваква минимална казна. Ќе се жалиме секако. Некого да го удриш ќе добиеш повисока казна од ова,“ изјави Костадиновски.
Самоил, се уште се води за исчезнат.
Фото: Unsplash