Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев ја потврди информацијата за приведувањето на две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
„Во координирана акција со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, приведени се две лица, меѓу кои и директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра.
Директорот, заедно со посредник, барале и примиле поткуп за сместување болно и неподвижно лице во геријатриска установа,“ информираше Јанев.
Станува збор за Мухсин Арифи – в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 ноември“ во Скопје, кој е кадар на Алијанса за Албанците (АА).
Од неговата партија велат дека секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност.
„Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности. АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум.
Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме,“ се наведува во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Уапсен директор на здравствена установа за поткуп
Фото: МВР