Д-р Катерина Игневска е микробиолог во Клиниката Жан Митрев, која воедно врши и исклучително одговорна дејност, како директор за квалитет и контрола на интрахоспитални инфекции.
Со неа разговараме за стандардите и прописите по кои се врши заштитата од интрахоспитални инфекции на клиниката, за обуката на кадарот и за потребните механизми со кои треба да располага секоја здравствена установа со цел да го зачува здравјето на граѓаните.
Може ли накратко да ни го објасните начинот и стандардите по кои се води клиниката, а со цел заштита од интрахоспитални инфекции?
-Д-р Игневска: Одговорноста на функцијата контрола на квалитет и превенција на болнички инфекции во позадина значи безбедна и ефикасна здравствена заштита за секој пациент.
И кога зборуваме за безбедност на пациент морам да истакнам дека е тоа енормно комплексен процес кој опфаќа бројни мерливи елементи и започнува од самиот влез на пациентот во болницата, првиот чекор – правилна идентификација, па сите последователни медицински постапки за прецизна дијагноза и ефикасен третман на пациентот.
Болницата има јасно дефинирани интерни упатства и мерки за превенција на настанување и спречување на пренос на болнички инфекции кои се креирани според највисоките барања на престижната JCI акредитација, и истите се прилагодени на барањето на националната регулатива во Р.С Македонија.
Болницата од самите почетоци го поддржува концептот на нулта толеранција за болнички инфекции, што навистина бара максимално заложување во креирање на политики и програми, нивно имплементирање, континуирана едукација и вежби со целиот персонал. Секако, на крајот, мониторингот/контролата на сите процеси е она што ни дава потврда за ефикасноста на пропишаните и спроведени мерки.
Дали редовно се врши едукација на вработените, колку често се вршат санитарни прегледи и какви се протоколите за спроведување мерки за заштита од инфекции?
-Д-р Игневска: Превенцијата на болничките инфекции е пропорционално зависна од степенот на едукација и подготвеност на целокупниот персонал.
Не станува збор само за медицинскиот, тука е и важноста на немедицинскиот и нивното познавање на начинот на пренос на инфекции, важноста на хигиената на просториите, соодветна употреба на дезинфекциони средства, правилно користење на лична заштитна опрема, хигиена на раце и користење на ракавици, ракување со остри предмети, селекција на отпад итн.
Секој вработен ги добива првичните насоки при самото вработување, а потоа се вклопува во едукацискиот концепт кој е креиран и се обезбедува од страна на Комисијата за превенција на болнички инфекции.
Континуираниот мониторинг и евалуација на персоналот е клуч за понатамошно правилно стратешко планирање и оптимизација на процесите кои ќе остварат квалитетна здравствена грижа.
Во однос на санитарните прегледи – тие се во согласност со законските прописи, но интерно тимот за контрола на болнички инфекции дополнително прави ненајавени, рутински проверки на персоналот, на неживата средина и воздухот во болницата со цел да се одржи безбедна средина за пациентите и вработените.
Кој е начинот на изолација на пациентите кај кои се изолирани инфекции, какви се процедурите во клиниката?
Д-р Игневска: Основен принцип при работа со секој пациенти е почитување на стандардните мерки за заштита кои ни се добро познати и универзални. Една од посилните алатки во процесот на превенција на болнички инфекции е изолација на пациенти и/или нивно правилно кохортирање.
Во Жан Митрев Клиника сите пациенти при влез во стацинарниот дел на болницата подлежат на микробиолошка обработка која во еден дел има епидемиолошко но, истовремено и дијагностичко значење.
Сѐ до добивање на резултатите пациентите се третираат како во „изолација”, (контактна, капкова или аерогена), а тоа значи дека физички се одделени од другите пациенти и при работа со нив се користи соодветно препорачана заштитна опрема.
Дополнително, безбедноста на пациентите се потенцира со можноста да се вклучи негативен притисок во простории каде има пациент кај кој се препорачува аерогена изолација. На тој начин се креира безбедна средина за сите пациенти во болницата, посетителите и за персоналот.
Каква е улогата на микробиолошката лабораторија во контролата на интрахоспиталните инфекции?
-Д-р Игневска: Тимот од микробиолошката лабораторија стои на располагање за пациентите во секое време, со цел обработка на примероци во најбрз временски рок и секако критично е навремено рапортирање до клиничарите со препорака за потребни мерки за превенција на инфекции. Мултидисциплинарниот пристап нѐ прави уникатни и исклучително ефикасни во поставување на микробиолошка во согласност со клиничката дијагноза.
Од кои причини најчесто се шират интрахоспиталните инфекции во здравствените установи и дали е потребно решавање на проблемот на национално ниво?
-Д-р Игневска: Болничките инфекции се огромен предизвик кој е невозможно да се решава само на институционално ниво. Пациентите едноставно не можеме да ги поделиме, тие циркулираат низ институциите согласно потребите и можностите.
Нашата борба како институција би била многу полесна доколку во сите болници има унифициран пристап за одржување на хигиена на болничките капацитети, спроведување на стандардни мерки за заштита, достапност на услуги од микробиолошка лабораторија и навремена изолација на пациенти, програми за рационална употреба на антибиотици и сите други мерки кои го сочинуваат квалитетот и безбедноста во здравствената грижа.