еМагазин
Image default
Балкан

Загрижувачки пораст на родово насилство и фемициди на Западен Балкан

И покрај фактот што сите земји од Западен Балкан ја ратификуваа Истанбулската конвенција и воспоставија правна институционална рамка за тоа, воспоставени се служби за жртви на насилство, сепак продолжува драстичното зголемување на родовото насилство и особено на фемицидите.

Токму овие прашања бараат итно внимание и акција од различни засегнати страни. Криминализацијата на феминицидот како посебен акт на криминал е навистина неопходна за сите земји, а Македонија тоа го направи во март годинава, но ова е само прв чекор. Неопходна е превенција многу порано доколку сакаме навистина да ги спречиме идните случаи на феминицид.

Улогата на граѓанските организации во обезбедувањето специјализирани услуги за жените по усогласувањето со Истанбулската конвенција, насилство на јавни површини и злоупотреба на оружје врз жени, деца и млади, како и превенција од родово базирано насилство преку работа со младите, осврнувајќи се на критичките теми фемициди, родово насилство и злоупотреба на анти-родовите движења како закана за јавната безбедност се трите теми кои беа во фокус на вториот ден од регионалната конференција СМАРТ Балкан, која вчера и денес е домаќин на осумдесетина претставници на граѓански организации од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Црна Гора.

Секоја година во балканскиот регион се повеќе луѓе се убиени од насилство и семејно насилство, иако тие пријавиле во институциите, но не добиле соодветна реакција од страна на надлежните институции. „Елиминирање на насилството врз жените и девојчињата“ не е само прашање на човекови права, туку клучна компонента за градење на општество кое напредува во полињата еднаквост, правда и принципи на мир и просперитет.

Учесниците на регионалната конференција и панелистите осврнувајќи се на темата „Елиминирање на насилството врз жените и девојчињата“ и неопходните мерки со цел институционална превенција, како пример ги земаа последните случувања во Македонија и Црна Гора со малата Вања Ѓорчевска и убиството на млада жена од Црна Гора, чијшто сопруг неодамна беше осуден на само 12 години затворска казна.

„Сопругот доби 12 години затворска казна за убиството на неговата сопруга која дотогаш била бремена. Тој не користел никакво огнено оружје, но ја тепал со часови додека конечно не ја убил. Од надлежните институции велат дека не можат со сигурност да кажат дека тој бил свесен дека ова тепање по часови и часови ќе заврши со толку тежок крај”, истакна еден од учесниците потенцирајќи дека токму ваквите случаи треба да бидат повик до граѓанското општество од регионот да работат заедно на изнаоѓање заеднички решенија со кои ќе влијаат на институциите и владите од регионот истите да бидат итно имплементирани.

Западниот Балкан е сведок на загрижувачки пораст на фемициди, како одраз на сложена интеракција на социо-економски, културни и политички фактори. Фемицидот, намерното убивање на жените врз основа на нивниот пол, стана актуелно прашање, привлекувајќи внимание за потребата од сеопфатни мерки за справување и спречување на родово засновано насилство во овие земји, согласно Истанбулската конвенција.

Еден клучен аспект на Истанбулската конвенција е институционализацијата на услугите за жртвите на родово базирано насилство, со акцент на воспоставување и зајакнување на структурите за поддршка од страна на институциите за да се обезбеди заштита, зајакнување и рехабилитација на преживеаните.

Конвенцијата ја нагласува и важноста на координиран, мултидисциплинарен пристап кој вклучува различни сектори, вклучително и спроведување на законот, здравството и социјалните услуги, за да се создаде робустен систем за справување со родовото насилство и поттикнување на општество ослободено од такви форми на злоупотреба.

На вториот ден од СМАРТ Балкан регионалната конференција беа доделени оперативни грантови за вкупно 12 граѓански организации од Босна и Херцеговина, Косово и Албанија, во вкупна вредност од 6.396.298 норвешки круни.

Претходно, 10 организации од Србија, Македонија и Црна Гора добија грантова поддршка од СМАРТ Балкан проектот во вкупен износ од 4.831.800 норвешки круни за оперативни грантови и над 18 милиони норвешки круни за регионални грантови.

Вкупниот износ на грант поддршка за оперативни грантови за граѓански организации од шесте земји од Западен Балкан е 11.228.098 норвешки круни. Проектот е финансиран од страна на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Србија и Бугарија имаат добри односи, многу подобри отколку останатите во регионот, вели Вучиќ

Редакција

Кои се условите за патување во Турција: Донесена одлука во врска со ПЦР тестовите

Редакција

Во Србија на тромеѓето со Македонија и Бугарија откриена златна жила со 19 тони злато

Редакција