Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) самоиницјативно по трагедијата во Кочани направи анализа на Законот за угостителска дејност во која утврди низа пропусти, информираа денеска од таму.
Еден е пропустите е што уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност се прави без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално-техничките услови, а како што посочија од таму, регулаторен ризик се забележува и во однос на проверката на условите за вршење угостителска дејност, во постапката и условите за давање лиценца, во однос на казните, а не е јасно и кои дополнителни дејности покрај угостителската се опфатени со Законот.
„Во член 4а став 2 утврдивме регулаторен ризик – одредбата овозможува упис на физички лица во Регистарот за вршење угостиелска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови. Доволно е лицето само да достави пријава до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) без обврска надлежниот орган да ја верификува точноста на наводите.
Ризикот е во тоа што постапката е формално завршена без реална потврда на исполнетост на условите, што создава правна празнина поради отстуство на обврската за контролен надзор прд регистрација и се отвора простор за декларативни пријави што во пракса значи дозвола за вршење дејност без реална проверка што може да има последици врз здравјето и безбедноста на гостите„, посочи претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, која ги образложи резултатите од анализата.
ДКСК препорачува во Законот да се предвиди обврска за доставување писмена согласност од ДПИ или друг надлежен орган со што ќе се потврди исполнетоста на минимално техничките услови пред уписот во Регистарот.
“Неопходно е да се пропише обврска ДПИ да изврши увид во определен рок, на пример 15 дена, како и санкции во случај на невистинито пријавување вклучувајќи можност за казна или одземање на одобрението“, кажа Димитровска.
Во однос на казните, наместо предвидените инспекциски мерки како опомена, задолжување или забрана, се предвидува врачување покана за едукација, што според ДКСК, не е во согласност со важечките законски процедури.
„Ова создава правна колизија и води кон правна несигурност во постапувањето на инспекторите и остава простор за различна, призволна примена на инспекциските овластувања.
И во делот на прекршочните одредби е утврден регулаторен ризик. Висината на глобите не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето“, посочи Димитровска.
Од ДКСК препорачуваат да се преиспитаат прекршочните одредби за да се обезбеди сразмерност меѓу висината на глобите и сериозноста на последиците, особено кај прекршувањата кои се однесуваат на здравјето и безбедноста на луѓето.
Од таму сметаат и дека треба да се примени и трикратниот износ на глоба за сериозни прекршоци, посочувајќи дека мора да се усогласи член 59 од Законот за угостителска дејност со член 82 од Законот за инспекциски надзор.
„Се забележува и правна неусогласеност со други системски закони, пред се со Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоци, што води до правна несигурност и различа примена во пракса.
Овие нормативни слабости создаваат простор за корупција, злоупотреба на дискрециски овластувања и нееднакво постапување кон различни субјекти во идентични или слични ситиации“, кажа таа меѓудругото.
Фото: Унсплеш