еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Инфлацијата ќе се намалува со стабилизирање на цените на храната и енергијата на светските берзи, вели гувернерката Ангеловска Бежоска

Очекувањата се дека инфлацијата и до година ќе се намалува со натамошно стабилизирање на цените на храната и енергијата на светските берзи, во отсуство на поголеми надворешни и домашни шокови.

На среден рок, стапката на инфлација би се свела на историскиот просек од околу 2%. Во следниот период треба да им се посвети внимание на структурните политики со кои би се зголемило домашното производство и би се намалила чувствителноста на домашната економија на некои идни потенцијални шокови, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Слободна ТВ.

Гувернерката, зборувајќи за најновите податоци за инфлација, посочи дека од четвртото тримесечје лани, кога во октомври беше достигната највисока стапка од околу 20%, се забележува постојано намалување на стапката на инфлација.

„Последните статистички податоци од октомври, па и ноември, со стапки од 3,5%, односно 3,1%, го покажуваат трендот на намалување. Нашите последни, октомвриски проекции предвидуваат дека просечната годишна стапка на инфлација за 2023 година ќе биде околу 9,5%.

За следната година, се разбира под претпоставка дека нема да има некои поголеми надворешни, но и домашни шокови, очекуваме продолжување на овој тренд при што, на среден рок, би се постигнал историскиот просек за нашата економија од околу 2%“, истакнува Ангеловска-Бежоска и дополнува дека очекувања на Народната банка се многу слични со оние на Европската централна банка за движењата на инфлацијата во еврозоната и ЕУ, којашто очекува постигнување на целната инфлација од 2% во текот на 2025 година.

Таа вели дека покрај тоа што сме зависни од увоз на енергија, нашата економија има ниска енергетска ефикасност, односно за производство на една единица БДП трошиме трипати повеќе енергија  во однос на ЕУ.

„Како дополнителни фактори коишто влијаат врз инфлацијата се посочуваат и степенот на ефективна конкуренција, односно во економиите каде што има поголема ефективна конкуренција и ценовниот притисок е помал, како и состојбите на пазарот на трудот. Доколку се дејствува кон сите нив, преку структурни политики, би се зголемила отпорноста на економијата,“ додава Ангеловска-Бежоска.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

И големите маркети се надеваат на помош од државата, бидејќи сметките за струја им биле шест пати повисоки

Редакција

„Реално ли е зголемувањето на цените во маркетите?“: Инспекциите ќе излезат на терен

Редакција

Во август бројот на домашни туристи се зголемил само за 8,9%

Редакција