еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Кузмановски: На потег е Уставниот суд, очекувам дека ќе победи правната држава и ќе биде поништен член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи

Адвокатот Љупчо Кузмановски поднесе иницијата за оценување на Уставноста на членот 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за облигациони односи (ЗОО) каде е наведено дека членот 368 се менува. Уставниот суд поведе постапка и донесе времена мерка.

Според Кузмановски, на потег е Уставниот суд, и очекува дека ќе победи правната држава и ќе биде поништен член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи.

Какви се вашите видувања, што значи оваа постапка?

– Постапката во Уставниот суд е апстрактен спор меѓу уставот и законот. Во овој случај, од моја страна побарана е оценка за уставноста на член 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за облигациони односи. Прифаќањето на оваа иницијатива, или одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста, значи дека Уставниот суд изразил сомневање во уставноста на наведената одредба, поради што по спроведување на пропишаната процедура (произнесување на предлагачот и доносителот на одредбата, евентуално прибавување на дополнителни мислења) Уставниот суд треба да донесе конечна одлука по поднесената иницијатива. Одлуката ќе ја донесе на седница, која ќе биде закажана по спроведување на сите наведени дејствија и целосно расчистување на дилемите околу предметот на спорот, поточно, расчистување на сите дилеми во однос на (не)уставноста на член 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за облигациони односи.

Што ве мотивираше да поднесете иницијатива? Зошто овој член е проблематичен?

– Сите бевме сведоци дека припадниците на правната фела (адвокати, нотари, извршители, вклучително и судовите) во изминатава една година откако беше донесен законот, реагираа секој на одреден начин. Ваквата реакцијата е поради тоа што токму припадниците на правната фела во секојдневното работење се судруваат со примената, поточно со неможноста од примена на ова законско решение, кое е донесено на брзина, кампањски, без консултации и јавна дебата и без учество на правната наука и на практичарите.

Поради тоа, донесениот закон не е усогласен со други одредби од Законот за облигациони односи, но и со одредби од други закони, особено со одредби од Законот за извршување. Сето тоа создава колизија меѓу правните норми кои за исти случаи предвидуваат различни правни последици, што остава голема можност за појава на правен релативизам и правна несигурност.

Со истите проблеми се судрувам и јас како адвокат, што беше и личен мотив за поднесување на оваа иницијатива. Токму опасноста од правен релативизам и правна несигурност, што во голема мерка го поткопува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, овој член од законот го прави проблематичен. Како институција која е задолжена за заштита на уставноста токму преку почитување на владеењето на правото и правната држава, Уставниот суд овојпат успеал да го согледа тоа кога одлучил да поведе постапка.

Вие сте адвокат со големо искуство, кој најмногу ќе биде оштетен од овој член, а кој ќе добие доколку остане ваквото законско решение?

– Најпрвин, да нагласам дека се работи за општ закон, со многу широк опфат на примена што подразбира дека неговите одредби важат за неопределен број на учесници во облигационите односи како и учесници во правниот промет. Законот се однесува подеднакво на физички и на правни лица.

Согласно ваквиот карактер на законот, прашањето би било попрецизно ако гласи кој нема да биде оштетен? Според тоа, треба да се знае дека овие измени се исклучително штетни за голем број на доверители (физички и правни лица) по разни основи, бидејќи според начинот на кој е донесен законот, тие преку ноќ се најдоа затечени, без можност за прилагодување.

Значи, од страната на доверителите, доколку имате должник, без оглед дали е физичко лице, правно лице, државна институција или јавно претпријатие, и не сте го наплатиле побарувањето во извршна постапка повеќе од десет години, повеќе немате право на присилна наплата. Без оглед на причината зошто побарувањето не е наплатено, иако во многу случаи извршувањето е започнато, побарувањето не е наплатено поради објективни причини од различен тип.

Дури и ако извршувањето или наплатата е во тек, тоа исто така не би можело да продолжи, што е исто така тежок нонсенс сам по себе. Дополнително, наспроти очекувањата на законодавецот, донесените измени на законите се особено штетни за државата, бидејќи со нив се воведуваат двојни стандарди и дискриминирачка регулатива, но исто така со нив се стимулира финансиска недисциплина што може да се спореди со промоција на неказнивост преку граѓанското право.

Од друга страна, со измените на законот со сигурност не се штити општиот интерес на граѓаните, туку може да се каже дека се прави заштита на лицата-должници кои се обидуваат да не ги платат своите обврски, бидејќи како би можело поинаку да се толкува законско решение со кое на некој доверител му се ускратува неговото право на присилна наплата?

Доколку се навлезе подлабоко, некои од должниците ќе бидат до тој степен привилегирани што дури и имот во поголем обем и со поголема вредност стекнат преку неплатени обврски кон државата или кон други доверители, ќе можат да го задржат без опасност за присилна наплата. Затоа, повторно велам, овие законски измени промовираат неказнивост според граѓанското (облигационото) право. Колку е тоа во согласност со интенциите за воспоставување на праведност и владеење на правото, нека цени Уставниот суд, но и јавноста.

Постои ли ваква пракса во други земји?

– Според достапните податоци под споредбеното право, одговорно тврдам дека овој закон е уникатно решение кое е донесено само кај нас. Затоа, би сакал категорично да ги демантирам сите што излегуваат во јавноста со примери на рокови на застареност од земјите во регионот и пошироко. Едноставно, никаде на друго место нема рок за застарување на побарување кое е предмет на извршување. Секаде извршувањето трае до наплатата на побарувањето, без временско ограничување.

Роковите кои се експлоатираат во јавноста се однесуваат на рокот за застареност на побарувања до стекнување на право за присилно извршување, додека од денот на започнување на постапката за присилно извршување, извршувањето трае до наплатата на побарувањето. Тука нема рок. Така е секаде, така беше и кај нас до скоро, поточно до донесување на членот 2 од Законот за измени и дополнувања на ЗОО. Според тоа, и споредбено гледано, доколку ваков закон бил толку добар и други земји во Европа ќе го имлементирале, но самиот факт што таков закон не постои во ниту една друга земја укажува на штетноста на истиот како за државата, така и за огромното мнозинство на граѓаните, особено за доверителите. И повторно Македонија како држава, ова законско решение ја прави уникатен и единствен случај во Европа и пошироко.

Уставниот суд во следниот период ќе заседава и ќе донесе одлука по вашата иницијатива која не е единствена. Што очекувате?

Очекувам Уставниот суд да остане на стојалиштето дека се работи за одредба од Законот за измени и дополнувања на ЗОО која е спротивна на уставот. Притоа, за да се избегнат било какви недоречености и недоразбирања во имплементацијата на одлуката на Уставниот суд, очекувам спорната законска одредба да биде поништена, што ќе значи дека истата ќе се третира како воопшто да не била ниту донесена. Се надевам дека со таквиот чин на јасен и дециден начин законодавецот ќе го разбере степенот на загрозеноста на уставните начела за владеење на правото и правната држава, како и можноста за предизвикување на штетни последици со несогледливо широки размери кои можат да ги предизвикаат измените на вака суштински закони без претходна сериозна анализа и подготовка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Адвокатска комора на Македонија: Членот 368 од Законот за облигациони односи е спротивен на Уставот и ги прекршува човековите права

Нова иницијатива до Уставен за преиспитување на уставноста на Законот за облигациони односи  

Пред Уставен повторно оспорени Законите за облигациони односи и за извршување, со кои застаруваат долговите

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лиле Стефанова и Наум Паноски избрани за обвинители во Републичкото обвинителство

Редакција

Заев потврди дека неговиот глас е на „аудио-бомбата“ на Милошоски

Редакција

По дваесет години: Пациент на д-р Жан Митрев сведочи за првата историска бајпас операција во Македонија

Редакција