еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Македонија го задржа кредитниот рејтинг ББ-со стабилен изглед од „Стандард и Пурс“

Македонија го задржа кредитниот рејтинг ББ-со стабилен изглед од aгенцијата „Стандард и Пурс“, соопшти Министерството за финансии.

Во најновиот извештај Агенцијата очекува растот на бруто-домашниот производ (БДП) да забрза во 2024 година на 2,9 отсто (2% во 2023) поттикнат од посилната лична потрошувачка, поддржана од реалниот раст на платите, тековните инфраструктурни проекти, вклучително Коридорите 8 и 10д, како и растот на извозот.

Според Агенцијата потенцијалите за раст во земјата ги неутрализираат неповолните влијание од случувањата кај главните трговски партнери, пред се Германија.

Јавниот долг ќе остане на умерено ниво и ќе се стабилизира на ниво од околу 53 отсто од БДП во периодот 2024-2027 година. Агенцијата оценува дека се преземени активности за соодветно управување и со каматните плаќања и дека тие се пониски во однос на многу други земји со сличен кредитен рејтинг.

Агенцијата посочува и на напорите за фискална консолидација. Со усвоениот Буџет за 2024 година буџетскиот дефицит кој е проектиран на 3,4 отсто покажува намалување во однос на дефицитот од 2023 година од 4,6 отсто од БДП. Агенцијата очекува тој тренд на буџетска консолидација да продолжи со фокусот на Владата врз економскиот раст и реализација на инфраструктурните проекти. Клучно за фискалната конслидација, според „Стандард и Пурс“ е строго придржување до правилата од новиот Закон за буџети.

Членството во ЕУ од Агенцијата го посочуваат како клучен фактор за долгорочен структурен и институционален развој, поддршка на економскиот раст и справување со емиграциските предизвици. Клучно е спроведувањето на структурните реформи, а меѓу ризик факторите е нотирано надворешното влијание, изборниот циклус и условите на финансиските пазари, посочуваат од Агенцијата.

Во однос на инфлацијата од Агенцијата посочуваат на наглото забавување во декември 2023 година и очекуваат нејзино стабилизирање.

Од страна на „Стандард и Пурс“ е посочена важноста на добиената потврда од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за првиот преглед на ПЛЛ програмата и достапноста на средства од оваа Програма, како и до други извори на финансирање.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Американците соборија два “неидентификувани објекти“ кои летале над САД и Канада

Редакција

Информацијата за укинување на организациските директори на клиниките доставена до Владата

Редакција

Трагедија во Гостивар: Дете почина, а жена е тешко повредена во пожар во зграда

Редакција