Само од јануари до октомври годинава, општините потрошиле на пејачи и на други забавувачи 961 илјада евра, покажуваат анализата и базата на отворени податоци за трошоците на општините за забавни манифестации на Центарот за граѓански комуникации.
До крајот на 2024 година, се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра.
Лани, за оваа намена биле потрошени 1 милион и 11 илјади евра.
Најскапо платена, годинава, е хрватската пејачка Северина Вучкович, за која Општина Крива Паланка платила 25 илјади евра.
Сепак, годинава најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42 илјади евра, за два настапи, во општините Берово и во Штип.
Лани, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Општина Штип добил скоро 26 илјади евра.
Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес.
-Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавни набавки.
Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставија податоци.
Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување на некои празници (Нова Година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година.
Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.
Истражувањето е направено според податоците добиени од општините врз основа на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, велат од Центарот.