еМагазин
Image default
ЖИВОТ

На 15. декември 16. Марш на црвените чадори

Традиционалниот Марш на црвените чадори ќе се одржи на 15.12.2023 (петок) со почеток во 12:00 часот, информираат организаторите – сексуалните работници, здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со ХОПС-Опции за здрав живот Скопје.

Маршот ќе започне на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на ул. „Македонија“ и ќе заврши на плоштадот „Филип II“.

-Оваа година одбележуваме 5.353 денови до правда.

Оваа година, по 16. пат гордо ќе маршираме на улиците истакнувајќи дека иако можеби е бавна, сепак правдата постои и на крајот може да биде задоволена.

Со овогодинешната кампања „5.353 денови до правда”, одбележуваме 15. години од сензационалистичката полициска акција „Сузбивање на улична проституција“ од страна на Министерството за внатрешни работи, во која беа приведени 23 сексуални работнички и на кои им беше повредено правото на приватност со јавно споделување на нивни фотографии на веб-страницата на МВР.

Сексуалните работнички беа изложени на нехумано и деградирачко постапување од страна на полицијата, за време на целиот притвор, оставени без храна, вода и пристап до лекови.

Вкупно 13 сексуални работнички, со поддршка на ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, се охрабрија да поднесат тужба пред граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди.

Откако Апелациониот суд ја преиначи пресудата, 4 од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Конечно, во јули оваа година, 4 сексуални работнички добија заслужена победа пред Европскиот суд за човекови права.

Долгогодишната правна битка за правда на сексуалните работнички по полициската акција „Сузбивање на улична проституција“ во ноември 2008, најпосле заврши со пресуда на ЕСЧП во 2023 година, по жалбата поднесена во 2017 година и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови.

Согласно вака воспоставената пракса на Европскиот суд за човекови права, ги охрабруваме националните судови по примерот на Основниот граѓански суд во Скопје, секогаш да ги заштитуваат правата на маргинализираните и ранливите граѓани, како што се сексуалните работници, а особено кога правата се прекршени од страна на институциите кои треба да ги заштитат.

Ги повикуваме надлежните институции во разумен рок да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права и конечно правдата да стигне до овие ранливи жени.

Бараме хуман и еднаков третман од страна на државата базиран на принципот на почитување на човековите права, загарантирани со законите и Уставот на Македонија.

Бараме почитување на нашите човекови права, основни слободи и достоинство согласно меѓународните конвенции и декларации за чoвeкoвитe прaвa, ратификувани од страна на Македонија.

Бараме да се почитува правото на приватност на сексуалните работници како и за сите други граѓани, согласно Законот за заштита на личните податоци на Македонија.

И секако повикуваме на декриминализација на сексуалната работа, како единствен модел кој обезбедува достоинствено почитување на човековите права и слободи на сексуалните работници во едно демократско и праведно општество, стои во соопштението.

Спроведувањето на кампањата по повод обележувањето на 17. декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници е поддржано од фондацијата Red Umbrella Fund.

Кампањата можете да ја следите на следниов линк на Фејсбук: facebook.com.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Д-р Даниловски: Вирусот е во паника, сите ќе го поминеме, за 6 месеци ќе се сведе на „питомо маче“

Редакција

Почина Гоце Камчев, основач и претседател на „КАМ маркет“

Редакција

(Фото) Братот на диџеј Ицко кој почина од корона вирусот, даруваше крвна плазма во негова чест

Редакција