Раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, денеска изјави дека сите 59 лица кои загинаа во пожарот во Кочани починале поради насилно задушување.
Кај четворица од загинатите постоеле повреди односно скршеници на ребрата и се задушиле заради притисок што се случува во стампедо.
„Најголем дел од нив, односно 70 проценти од нив се на возраст меѓу 16 и 29 години. Од починатите 16 лица се од женски пол, а 43 мажи. Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв и втор степен, кај три лица имаше изгореници од четврти степен,“ изјави Станков.
Тој додаде дека во најголем број случаи при пожари, најчест гас е јаглерод моноксид, кој е многу опасен гас без мирис, без вкус, делува на централниот нервен систем и ги онеспособува жртвите да бегаат.
Главоболка, повраќање, вртоглавица, бессознание, дезориентираност, парализа на мускулите за неможност за движењето се последиците од овој гас. Смртта може да настане многу брзо, за неколку минути зависно од концентрацијата.
„Може да се јави и цијан водород и сулфур водород. Сега ги работиме токсиколошките анализи за да утврдиме што е присутно во крвта, меѓутоа според макроскопскиот наод за време на обдукциите кај најголем број од нив има јаглерод моноксид,“ додаде Станков.
Идентификацијата на загинатите е направена со помош на ДНК метода и со помош на дактилоскопи.
„Се проверуваа идентификациите неколку пати, затоа што во вакви услови не можеме да си дозволиме да направиме некаква грешка. Моравме да се провериме неколку пати заедно со МВР за да се избегнат било какви грешки и во доволно брз период ја завршивме нашата работа,“ рече Станков.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За што е осомничен поранешниот министер Бектеши
За што се осомничени тројцата градоначалници на Кочани
Сите детали за истрагата за трагедијата во Кочани: Опфатени се 27 физички и три правни лица
Фото: Игор Бансколиев