Општина Центар распиша јавен повик за доделување субвенции на младите жители на Центар за полагање на возачки испит Б-категорија во автошколи регистрирани на подрачјето на нашата општина, информираат од таму.
„Со овој чекор, преку субвенција од 10 илјади денари ги поттикнуваме младите да учат од професионални возачи, законски да можат да управуваат возило наместо да возат без возачки дозволи што е недозволиво. Безбедноста на младите во сообраќајот е приоритет,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Право на субвенција имаат сите млади лица кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно родени се во 2007 година, а живеат на подрачјето на Општина Центар најмалку една година.
Субвенцијата изнесува 10.000 денари и може да се користи единствено за полагање на возачки испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.
Доставата на барањата се врши во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), од 09:00 до 15:00 часот, со приложување на следните документи: барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и доказ дека автошколата е регистрирана на подрачје на Општина Центар.
Повеќе информации на centar.gov.mk.
Фото: Unsplash