Денеска во македонското Собрание освен интерпелацијата за членката на Судскиот совет, Весна Дамева, беше изгласана недоверба и за другите членови – Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми, кои исто така се избрани од Собранието.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Собранието изгласана интерпелацијата на Весна Дамева, таа најави дека нема да си поднесе оставка
Пред гласањето Чачарова – Илиевска изјави дека „интерпелацијата против петте членови на Судскиот совет, кои што ги избира Собранието е недозволена“.
„Не само што не е дозволена, туку овој акт претставува преседан во досегашната парламентарна демократија на Северна Македонија. Повеќе од 30 години досега ниту еднаш не се случило Собрание да поднесе интерпелација на член на Судскиот совет“, кажа таа, посочувајќи дека со поднесената интерпелација само за петте членови на Судскиот совет, не е повредена само една од темелните вредности на уставниот поредок, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт, туку е повредено и основното начело на еднаквост на членовите на Советот.
Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието, од кои двајца на предлог на претседателот на државата.
По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот, без право на глас.
Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор.