Комерцијална банка АД Скопје во првото полугодие од годинава остварила добивка од 2.844,6 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 2.003,3 милиони денари, што претставува зголемување за 42%, информираат од Банката преку Македонската берза.
-Планираната бруто-добивка за првата половина од 2024 година е остварена со 134,4%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 46% поголема во однос на истиот период минатата година.
Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето приходи од камата, а во помал дел и поради зголемените нето приходи од провизии и нето приходи од тргување.
Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со истиот период минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.503,8 милиони денари и бележат зголемување од 36,5% во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2024 година истите бележат зголемување од 22,2% во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е исполнет со 113%.
Приходите по основ на камата се зголемени за 27,6%, и тоа кај сите категории на клиенти: кај секторот финансиски друштва поради зголемените каматни стапки на благајничките записи и на депозитите пласирани во НБРСМ, кај секторот држава како резултат на зголеменото вложување во државни хартии од вредност со зголемени каматни стапки, кај нефинансиските друштва поради зголемени пласмани, кај домаќинствата поради зголемени пласмани и кај нерезидентите поради зголемени пласмани во странски банки и зголемени каматни стапки.
Расходите по основ на камaта се зголемени за 90,5% поради зголемените орочени депозити и зголемените пасивни каматни стапки споредено со истиот период минатата година.
Нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 3,43% заклучно со крајот на првото полугодие од минатата година, на 3,88 % со 30.06.2024 година, велат од таму.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2024 година изнесуваат 611,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 13,7% во најголем дел како резултат на зголемениот обем на активности особено во делот на работењето со картички, посочуваат од таму.
-Планот за анализираниот период е остварен со 111,2%.
Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2024 година изнесуваат 180,4 милиони денари и бележат незначително намалување од 0,6 % во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 110,7 %.
Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2024 година изнесуваат 731,8 милиони денари и бележат зголемување за повеќе од 4 пати во однос на истиот период минатата година што речиси целосно е резултат на значително зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот.
Во рамки на приходите од продажба на преземен имот и опрема најголемо учество имаат приходите од продажба на преземен имот од должниците Еуроникел Индустри ДОО с.Возарци, Кавадарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево евидентирани во месец април 2024 година. Планот е остварен со 195,7%, велат од таму.
Оперативните расходи за периодот 01.01- 30.06.2024 година изнесуваат 1.186,7 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 15,4% во најголем дел како резултат на зголемените останати расходи, а во помал обем и поради зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените и зголемената амортизација, посочуваат од таму.
-Позначителното зголемување на останатите расходи се однесува на расходите за преземени објекти, пред сѐ за преземениот имот од клиентот Еуроникел Индустри Кавадарци, со цел одржување на комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес. Планот е остварен со 106,9%.
Во периодот од 01.01-30.06.2024 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 3,1 милион денари, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот во согласност со регулативата од НБРСМ.
Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 469,4 милиони денари, наспроти 266,8 милиони денари во истиот период минатата година.
Зголемувањето кај исправката на вредност на финансиските средства се должи на одобрувањето нови кредитни изложености на правни лица, промената на ризичната категорија кај одредени клиенти, како и заради стапување во сила на новата Одлука за управување со кредитен ризик која пропишува нови построги услови за преминување на побарувањата во нефункционалност и за враќање во редовен статус, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Комерцијална и Стопанска банка Битола пред спојување
Колку пари чувале граѓаните и фирмите во Комерцијална банка во првиот квартал
Која е компанијата која од Комерцијална банка го купи имотот на Еуроникел индустри