еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Раст на консолидирани продажби од 8% и на консолидираната добивка од 9%, 100 нови вработувања: Што предвидува Бизнис планот на Алкалоид за 2025 година

Бизнис-планот за 2025 година Алкалоид АД Скопје предвидува консолидирани продажби од над 332 милиони евра, што претставува раст од 8% во однос на очекуваните за 2024 година, информираше компанијата.

Сегментно, по профитни центри, 90% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 10% ПЦ Хемија, козметика и билкарство.

Според планот се очекува 32% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68% од извоз.

Планираниот Биланс на успех предвидува раст од 9% на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7% во однос на очекуваната за 2024 година.

-Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении Алкалоид АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра.

Алкалоид АД Скопје во декември 2024 година регистрираше ново капитално поврзано друштво со назив Алкалоид Енергетика ДООЕЛ Скопје, со цел производство на електрична енергија.

Имајќи ги предвид заложбите на Алкалоид АД Скопје за намалување на јаглеродниот отпечаток во рамките на својата ESGстратегија и напорите за одржлив развој, овој потег е од исклучителна важност во нивното остварување.

Проектот предвидува изградба на фотоволтаична централа лоцирана во Гевгелија, со капацитет за производство на електрична енергија од околу 11 илјади мегават-часови на годишно ниво. Со овие капацитети ќе се овозможи од 75 до 85 % од електричната енергија која се користи за производствените капацитети на Алкалоид АД Скопје да биде од сопствени обновливи извори.

Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност.

Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, планот за 2025 година предвидува проектирање и изведба на нова микробиолошка лабораторија на површина од 600 м2.

Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети. Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи, велат од таму.

Бизнис-планот за 2025 година предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.

-Истражување и развој во Алкалоид АД Скопје повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, нови технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на Алкалоид, со грижа за заштитата на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа.

Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите, велат од таму.

Бизнис-планот во 2025 година предвидува раст од најмалку 10% на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.

-Изминатите две години како стратешки императив и приоритет го поставивме воведувањето на Environmental, Social and Governance (ESG-стандардите) за интеграција и за известување во компанијата.

Донесовме голем број внатрешни акти кои го систематизираат работењето на сите сектори во согласност со ESG-принципите.

Одговорноста спрема животната средина и спрема заедницата се составен дел од секојдневието на секој еден вработен во Алкалоид, во сите земји каде што имаме воспоставено операции.

Во иднина ESG-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира, пренесувајќи се на сите засегнати страни во Алкалоид со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет, велат од таму.

Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2025 година компанијата очекува околу 100 нови вработувања во Алкалоид АД Скопје и во друштвата во странство.

-Продолжуваме со вложувањата во човечкиот капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен, велат од таму.

Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати, велат од таму.

-Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.

Бизнис-планот на компанијата за 2025 година е донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Живко Мукаетов меѓу највлијателните 25 бизнисмени во регионот на листа на Блумберг Адриа

(Видео) „2024 година беше навистина активна година за Алкалоид“, вели генералниот директор Живко Мукаетов во обраќање до јавноста и вработените

Алкалоид АД Скопје со четири признанија: Најтранспарентно котирано друштво по избор на медиумите и по избор на пазарните учесници, Акција на годината и Добри ESG-практики

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Осигурениците лани наплатиле 71 милиони евра, осигурителните компании исплатиле над 100.000 штети

Редакција

Мукаетов панелист на СЕФФ: „Моќна и обединета бизнис-заедница значи силна економија“

Редакција

Патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот акт за примање на ОА во богослужбено и канонско единство

Редакција