Македонската претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска имаше средба со шефот на делегацијата на Европската Унија (ЕУ), евоамбасадорот Дејвид Гир.
Како што информираа од нејзиниот Кабинет, таа изразила подготвеност за целосна соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје во однос на пристапниот процес на државата, истакнувајќи ја значајноста на делегацијата како своевиден координатор на активностите на ЕУ во земјава.
Таа посочила на потребата за напредок во процесот кон членство во ЕУ, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани.
Нашата иднина, според претседателката Силјановска Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности, стои во соопштението.
Претседателката посочила на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес и да придонесе кон обезбедувањето на политички и општествен консензус по однос на реформската агенда и усвојувањето на закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел да се избегне неговата злоупотреба, што беше нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.
Претседателката истакнала дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.
Во тој контекст, таа посочила на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми.
За средбата на социјалната мрежа Х (Твитер) се огласи и Гир, кој вели дека меѓудругото било разговарано и за спроведување на постоечките договори и добрососедските односи.
Pleased to meet with President Siljanovska-Davkova. We discussed the process of 🇪🇺 integration, good-neighbourly relation, including the implementation of existing treaties and foreign policy and security matters. Looking forward to advancing all these issues together. pic.twitter.com/YFDxnG50kU
— EU Ambassador David Geer (@AmbassadorEU) May 14, 2024
„Задоволство од средбата со претседателката Силјановска Давкова. Разговаравме за процесот на интеграција во ЕУ, добрососедските односи, вклучително и спроведувањето на постоечките договори и прашањата за надворешната политика и безбедноста. Со нетрпение очекуваме да ги унапредиме сите овие прашања заедно“, напиша Гир.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонија има обврска да го почитува Преспанскиот договор, велат од германското МНР
Фото: Кабинет на претседателката