еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Стојаноски: Воспитан сум да сочувствувам со болката на пациентите

Изборот на еМагазин за новогодишно интервју е доктор специјалист Злате Стојаноски, интернист-хематолог од Клиниката за хематологија. Лекар со стаж од 29 години, кој има непроценливо искуство во областа на хематолошките болести. Низ негови раце поминуваат бројни пациенти кои гледаат спас во неговата стручност, знаење и пред се човечки пристап и однос.

„Така сум воспитан и сетиран, да имам емпатија кон пациентите. Ако си ја сакаш работата, пациентите тоа го чувствуваат. И ние лекарите можеме да бидеме пациенти, па тргнувам од себе. И јас би одбрал некој кој што ќе ме привлече и ќе ме плени. И ако има двонасочна емоција, тоа не може да нема резултат,“ вели Стојаноски во разговорот за еМагазин.

Леукемии од кои луѓето порано умирале, денес се лекуваат

Хематологијата е гранка која многу брзо се развива, и за одредени болести се постигнати исклучителни напредоци во однос на излекувањето. Она што пред неколку години било незамисливо, денес се постигнуваат успеси на завидно ниво.

„Ако во детска возраст акутните лимфобластни леукемии се третираат и се излекуваат само со хемотерапија, кај возрасните, акутните лимфобластни леукемии се со најсериозна и лоша прогноза.

Но, со воведување на новите протоколи, со кои се лекуваат децата, младите, и адолесцентите денес се покажа многу добри резултати во лекувањето и излекувањето и на возрасните,“ вели Стојаноски

Кога тој се вработил на Клиниката за хематологија, пациентите со друг вид леукемија, хронична миелоидна, во просек живееле по три години. Но, со воведување на нови лекови, кај 95% од пациентите преживувањето е најмалку 10 години.

Друг особен напредок се бележи и на полето на акутните леукемии, како што е промиелоцитна леукемија. Во минатото, 30% од пациентите умирале пред да бидат дијагностицирани или пред да се започне со терапија. Денес, доколку навремено биде дијагностицирана, 90% од пациентите во висок процент може да биде излекувана и без трансплантација.

Според Стојаноски, тоа се фрапантни успеси на хематологијата и хематоонкологијата, бидејќи успехот на овој протокол, е тоа што пациентите ќе бидат излекувани со протокол кој во себе не содржи хемотерапија.

Стојаноски вели дека тоа што ќе го бележи огромниот напредок на Хематологијата се воведувањето на моноклоналните антитела. Овие антитела од поновата генерација, обезбедуваат излекување на исклучителен број на пациентите.

„Кај пациентите со Хочкинова болест имаме огромен напредок, кај таквите пациенти речиси од 90 до 95% од младите пациенти, очекуваме да бидат излекувани. Тоа беше неверојатно, бидејќи оваа болест на почеток се лекувала само со радиотерапија, потоа се воведува полихемотераписки протокол, со кој 70% од пациентите, преживувале пет години.

Така што воведувањето на комбинираните модалитети, хемотерапија со радиотерапија, доведуваат денес до излекување на над 90% од пациентите со Хочкинова болест,“ додава тој.

Трансплантација, сложена биолошка метода

На Клиниката за хематологија веќе 23 години се изведува трансплантација, која е сложена биолошка метода, и е единствена опција за лечење на пациентите со акутни леукемии.Тој е еден од лекарите од првата постава на лекари кои ја воведоа оваа метода. Обуки за оваа интервенција помина со повеќемесечни престои во болницата Георги Папаниколау во Солун, Клинички центар Љубљана, и Клиникум Норд во Нирнберг Германија.

„Трансплантацијата е најсложена биолошка метода, при која што, хематолошкиот механизам на еден организам кој е болен, комплетно го уништуваме со кондиционирачкиот протокол, а потоа даваме нов имунолошки механизам, кој што ќе ја победи леукемијата.

Со ова сложена терапевтска метода, може да бидат опфатени сите оние малигни и немалигни хематолошки и нехематолошки болести кои што имаат индикација за третман.

Преку 80 болести имаат индикација за која имаме потврдени докази, дека оваа метода единствено може да ги излекува овие пациенти, “ објаснува Стојаноски.

Тој додава дека хемотерапијата во иднина, можеби ќе биде запишана со црни букви во историјата на медицината но засега таа е единствената опција со која што се постигнуваат резултати.

„Немаме друга алтернатива. Трансплантацијата успеа да докаже дека излекувањето на овие болести може да се случи со имунолошки механизми, а не со токсичното уништување на коскениот мозок со цитостатските протоколи. Колку ние станувавме поагресивни во кондиционирачките протоколи, толку и одговорот беше полош, а гледавме само повеќе несакани ефекти и зголемен морталитет. Тогаш сфативме дека клетките од дарителите се тие кои што ја лекуваат болеста. Тие се тие кои успеваат да ги излекуваат пациентите,“ додава Стојаноски.

Во чекор со новините во однос на современите терапии

На Клиника за хематологија се борат да бидат во чекор со новините во светот и што е можно побрзо да ги имаат лековите од најновите генерации.

„Не секогаш успеваме, бидејќи новите лекови се исклучително скапи. За некои од пациентите успеваме да ги добиеме лековите на база на програма милосрдие, некои во склоп на некаква клиничка студија, бидејќи Фондот за здравство не е во можност да ги покрие сите овие трошоци кои ги бара модерната Хематологија. Треба да бидеме реални и рационални и тие ресурси да ги трошиме соодветно.

Денес „Доктор Гугл“ е достапен и секој пациент може да ја прочита неговата најсовремена терапија во светот, која може да чини и половина милион евра, а нашата држава не може да ја обезбеди таа терапија, бидејќи со тие средства може да покрие голем број на други болести. Треба да бидеме рационални за нашите можности, секој има право да се лекува со најмодерната терапија се согласувам, но не секогаш сме во можност тоа да стане достапно за сите пациенти,“ објаснува Стојаноски.

Тој е задоволен од можностите за лекување што ги имаат, бидејќи одредени терапии се достапни благодарение на актуелниот менаџмент, кој успеал да донесе нови лекови.

Јавното здравство треба да биде ѕвезда водилка, а не приватното

Клиниката за хематологија е речиси единствената јавна здравствена инстутуција од која што нема одлив на кадар во приватното здравство, бидејќи лекувањето на хематолошко-онколошките пациенти се врши исклучиво таму. Стојаноски е дециден дека јавното здравство секогаш треба да биде водечко здравство како во поглед на здравствениот така и во научниот и наставниот дел.

„Не може приватното здравство да биде репер за развојот на здравството. Хематологијата покажа дека тоа е така, и како гранка е авангарда. На Клиниката собираме податоци, правиме епидемиолошки анализи за утре тој што прави здравствена политика, да може да ги искористи за да се добијат соодветни ресурси, лекови, средства.

Мислам дека Клиниката се движи во одлична насока со примање на млади лекари, со обновување на кадарот. Во овој момент настана замена на генерации, постарите професори заминаа во пензија, а се примени млади лекари кои се со одличен потенцијал.

Обврска на средната генерација е да ги научиме младите да бидат вклучени во овој процес и да обезбедиме пат тие да не надминат и да ја однесат хематологијата на уште повисоко ниво кое што е сега.Тие ќе имаат други предизвици бидејќи науката не застанува.“ објаснува Стојаноски.

Тој е член на Здружението на хематолози од вработувањето, член е и на Европската хематолошка асоцијација (ЕХА), на Европското здружение за трансплантација на коскена срцевина од 2003 година (ЕБМТ). Од 2019 година член е и на Американското здружение на хематолошка онкологија (СОХО).

„Контактите, присуството на нивните годишни конгреси, меѓусебната соработка со колегите е од непроценлива важност за да се држи чекор со новините во Хематологијата. Без такви контакти, без присуство на такви Конгреси, неопходно е да се разменат искуства,а невозможно е да се следи науката многу брзо оди напред.

Денес прилично е достапна литературата која се објавува, часописите се онлајн достапни, иако и тие се врзани со одредена финансиска надомест, бидејќи најновите трудови се плаќаат,“ додава тој.

Инфекциите сериозен предизвик за пациентите со хемотерапии

Неговиот татко Ристо Стојаноски е еден лекарите кои биле во првата постава на Клиниката. Инфектолог и интернист, од него ја наследил и љубовта кон хематологијата и инфективните болести.

„Најпрво беше една институција Институт за трансфузија и хематологија, но Хематологија се одвои како интернистичка гранка. Татко ми работеше како дел од првата постава, одговорен за инфективните компликации на хематолошките болни. Јас сум дел од традицијата, ја наследив љубовта од него и за хематологијата и за инфективните болести. Моите магистерски труд и докторат се врзани со инфекции во хематологијата, особено кај трансплантираните пациенти. Инфекциите се многу големо и важно подрачје во хемато-онкологијата.

Тие се најчестата причина за фатален исход кај пациентите, бидејќи нашите пациенти се имуно-компромитирани. Обичните инфекции, кои за останатите луѓе кои се со одличен имунитет не се ништо, за нив може да бидат многу сериозни, кои можат пациентот да ни го „однесат“.

Самата хемотерапија го оштетува коскениот мозок кај пациентите. Пациентите кои добиваат хемотерапија, поминуваат низ една фаза на неутропенија, на намален број на неутрофили на леукоцити и тоа носи посебен ризик за инфекции со себе,“ објаснува Стојаноски.

Круна на неговата љубов со инфективните болести, бил неговиот ангажман како координатор на ковид-болница.

„Во тек на пандемијата јас бев ангажиран како координатор во детската болница Козле и бев одговорен за пациентите во таа болница. Така што откако го совладав првиот дел од обуката за корона вирусна инфекција во модуларната болница на Инфективна клиника потоа рамо до рамо работевме со колегите педијатри, кои не се квалификувани и обучени за инфективни болести, но се справивме успешно.

Можам да се пофалам дека таа болница имаше најдобри резултати во излекување на пациентите со корона вирусот и во однос на искористен персонал и искористени ресурси, поради што добив плакета од тогашниот премиер и министер за здравство“ додава тој.

Тој бил и член на Меѓународна група за следење на корона вирусната инфекција кај пациенти со хематолошки малигни заболувања и благодарение на партиципацијата во оваа група, во која што се партиципирало со наши пациенти, објавил трудови во Blood, American Journal of Hematology, Frontiers of oncology и во уште неколку други врвни часописи, кои се со огромен импакт фактор, и многу малку хематолози од нашето подрачје можат да се пофалат со објавување на голем број на трудови во такви реномирани стручни списанија.

Знаењето и вештините во лекарскиот занает се мисија која треба да се пренесе на следните генерации

Една од основните задачи на лекар кој работи на Клиника е да го пренесе знаењето на студентите, младите лекари, волонтери, специјализанти. Проф Стојаноски е вклучен во наставата на Катедрата по Интерна медицина од 1997 година. Во овој период на развој, низ неговите ординации и болнички соби поминале повеќе од 25 генерации студенти по медицина и стоматологија.

Практичната настава по предметот Клиничко испитување, поранешна интерна пропедевтика е стожер на клиничките предмети. Во овој предмет студентите за прв пат доаѓаат во контакт со пациент. Учат како да стапат во контакт со него, како да направат интервју, да земат анамнеза и да ги совладаат основните техники на преглед. Денес е редовен професор на Катедрата по Интерна медицина.

Оптимистите секогаш победуваат

На прашањето, колку психолошкиот профил на пациентот игра важна улога во неговото излекување, тој е сведок на тоа дека оптимистите секогаш победуваат.Односот на пациентот кон болеста, е многу важен.

„Пациент може да биде и академик во МАНУ, кој е на врвно интелектуално ниво и пациент може да биде некој од последното село во Македонија, но односот кон болеста не зависи од интелектуалното ниво. Болеста полесно може да ја прифати, овој вториот. Борбата е индивидуална карактерна особина. Мислам дека на болеста ако и се покажат заби, тогаш и резултатите ќе бидат подобри. Добро-информиран оптимист е рационален. Може рационално да ги послуша  лекарите.

При песимизам се троши непотребна енергија. Затоа со пациентите треба да се биде многу вешт, многу внимателен и многу истрениран за искрено да им се соопштат можностите за лекување и излекување, за тие да ја прифати борбата и заеднички да се стигне до резултатите,“ вели Стојаноски кој потенцира дека информација за болеста е траума, како за самиот пациент така и за семејството.

Дома сме, стручен колегиум

Сопругата на Стојаноски е лекар, а и синот и ќерката имаат завршено Медицински факултет и се на специјализации.

„Дома сме, стручен колегиум. Голема радост на родителите е да ги жнеат плодовите на своето вложување во воспитување и образување на децата. Голема радост е кога сме во иста струка со децата, што има свои предности, бидејќи сум го искусил тоа со татко ми. Кога имаш консултант на располагање 24 часа е неспоредлива предност за градење на самодовербата на идниот лекар. Така што треба многу работа, многу учење, многу жртва, откажување.

Тој што е спремен да биде лекар треба да биде спремен и на големи откажувања и жртви, бидејќи само така се доаѓа до врвен успех,“ завршува Стојаноски, кој е горд татко на две деца, кои тргнале по семејните медицински стапки и се одлучиле за една хумана професија, која има за цел, да спасува човечки животи.

Фото: Приватна архива/Стојаноски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Индустријата работи турбо преку летово, а во Скопје нема загадување над дозволеното

Редакција

Скопјанец на 73 години и жена од Липково на 49 години починаа од корона вирусот

Редакција

Состојбата на Џафери e стабилна не е позитивен на корона вирусот, конститутивната седница ќе биде закажани во уставниот рок

Редакција