Од 15. октомври започнува грејната сезона 2024/2025 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од ЕСМ АД Скопје, информираат од таму.
Согласно податоците во Центарот за грижа на потрошувачи, во 117 објекти сè уште не се обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, од кои 25 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 23 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица и 69 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот.
„Потрошувачите и заедниците на сопственици се замолуваат што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија.
Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација.
Потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект е на листата на моментално затворени објекти кои немаат услови за испорака на топлинска енергија.
Оваа листа е достапна на линкот Затворени објекти – ЕСМ Снабдување (esm-snabduvanje.mk),“ се вели во соопштението.
На барање на Општина Карпош испораката на топлинска енергија нема да започне на 15. октомври туку од 1. ноември за сите основни општински училишта на територија на Општината што ги користат услугите на „ЕСМ Снабдување со топлина“, а тоа се: ООУ „Братство“, ООУ Јан Амос Коменски“, ООУ „Димо Хаџи Димов“, ООУ „Владо Тасевски“, ООУ „Војдан Чернодрински“, ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, ООУ „Лазо Трповски“, ООУ „Петар Поп Арсов“.
„Соработката на потрошувачите и заедниците на сопственици е од клучно значење за навремена и квалитетна испорака на топлинската енергија, и во интерес на сите засегнати страни.
За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100,“ се додава во соопштението.