Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков информираше дека Министерство за образование и наука (МОН) до училиштата испратиле известување во кое се наведува дека неработните денови за изборите 24 април и 8. мај, училиштата сепак ќе ги одработуваат.
„Со цел да се исполни одредбата од Законот со кој учебната година се остварува во 180 наставни денови, а притоа да не се продолжи учебната година, деновите кога се одржуваат изборите ќе се надоместат со организирање на настава во следните денови: 18. мај (сабота) со часови од денот 24. април 2024 година и 1. јуни (сабота) со часови за денот 8. мај 2024 година
Воедно за училиштата кои се наоѓаат на територија на Град Скопје за денот 30. ноември 2023 (четврток), кога согласно Нацрт записникот од 199 седница на Владата одржана на 14. ноември 2023 година, се одреди како неработен ден за учениците од основните училишта на територија на Град Скопје, наставниот ден ќе се одработи на 15. јуни (сабота) во часови од денот 30. ноември 2023,“ се вели во известувањето пратено од МОН, а кое го објави Неделков.
Во неговата реакција тој го повика Министерството веднаш да го повлече испратеното известување до училиштата.
„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните“ денови, прогласени од Владата, заради одржување на престојните избори!
Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година,“ пишува Неделков.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Два дена за изборите неработни, нема да се одработуваат
Фото: Игор Бансколиев