еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ФИНАНСИСКА ПИСМЕНОСТ

Финансиската писменост ја намалува сиромаштијата за 2 до 3%, велат од Народна банка

„Само финансиски едуцирани лица можат да носат издржани финансиски одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање од кои ќе зависи и нивната иднина.

Има емпириски истражувања коишто покажуваат дека дури половината од доходовната нееднаквост помеѓу луѓето во светот произлегува од разликите во финансиската писменост.

А доходовната нееднаквост во изминативе кризни години, по повеќе децении намалување, за жал се зголеми. Според Светската банка, најсиромашните 40% од светското население изгубиле двојно повеќе доход од најбогатите 20%.

Ова е највисокиот раст на нееднаквоста од 1990 година, па наваму. Финансиската писменост се смета за силна алатка за поттикнување на растот и за намалување на сиромаштијата – според некои студии, дури за 2 до 3 процентни поени.“

Ова беше истакнато од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата „Како познавањето на финансиите ја обликува твојата иднина?“, организирана од Универзитетското студентско собрание при УКИМ, информираат од Народна банка.

Во своето обраќање, гувернерката ги претставила и активностите на Народната банка во областа на финансиската едукација, вклучувајќи ја и подготовката на првата национална Стратегија за финансиска писменост и финансиска инклузија, организирањето бројни предавања и работилници, подготовката на едукативни материјали и вклучувањето нови целни групи, како лицата со попреченост.

Таа нагласи дека во услови на брзи дигитални трансформации и зголемена комплексност на финансиските услуги, мора и натаму да се вложува во знаењето.

Ова е особено важно имајќи го предвид фактот дека според истражувањето на ОЕЦД, стапката на финансиска писменост (56% од максималната вредност) е слична со стапката во регионот, но значително пониска од стапката во Европската Унија.

Настанот беше посветен на унапредување на финансиската писменост кај младите – тема од суштинско значење за личниот развој, но и за економската стабилност на едно општество, велат од таму.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во последните три дена, 173 нови случаи на Ковид-19, оздравени 186, тројца починати

Редакција

Акцијата на „Реплек“ стана повредна од злато: Следува ли битка за менаџерските позиции?

Редакција

Македонскиот јазик од следната академска година ќе можат да го изучуваат сите студенти на Истанбулскиот универзитет

Редакција